Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, поранешниот премиер, Рамуш Харадинај вели дека е време Европската Унија да му го предаде на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џо Бајден портфолиото за конечниот договор за меѓусебно признавање на Косово и Србија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во објава на неговата страница на Фејсбук, Харадинај ѝ оддава признание на ЕУ за досегашното просредување во преговорите меѓу Приштина и Белград и порачува дека „досегашниот дијалог не смее да избледнее“.
– Спроведувањето на редот и законот во целата земја треба да се случи согласно Уставот и законите на Република Косово. Досегашниот дијалог не смее да избледнее и да се вратиме назад да зборуваме за истите теми. Америка овој пат му даде импулс на процесот воден од ЕУ и помогна и ги врати во нормала односите Косово – Србија… Сега е вистинскиот момент ЕУ да му го предаде на претседателот Бајден портфолиото за конечниот договор за меѓусебно признавање на Косово и Србија, напиша Харадинај.
Вчера во Брисел се одржа средба на највисоко ниво во рамки на дијалогот на Косово и Србија, меѓу косовкиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ, со посредство на емисарот на ЕУ, Мирослав Лајчак. На повеќечасовната средба присуствуваше и американскиот партеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел синоќа изјави дека на средбата не е постигнат договор, но изрази оптимизам за позитивни резултати набргу и најави нова средба меѓу Курти и Вучиќ пред 1 септември, за кога Косово најави дека ќе започне со спроведување рециспроцитет кон Србија во однос на регистерските таблички и издавањето времени документите за граѓаните при влез од едната во другата држава.