Сириските провладини медиуми објавија дека Израел ги ракетирал аеродромите во Дамаск и Алепо, при што биле оштетени пистите и двата аеродрома биле ставени вон функција. Новинската агенција САНА извести дека двата аеродрома биле погодени истовремено со серија проектили.
Тоа се први израелски удари на Сирија откако Хамас во саботата го изведе смртоносниот напад во јужен Израел, убивајќи повеќе од 1.000 цивили.
Израел денеска соопшти дека ќе ја засили својата северна граница со Либан, каде што ќе биде распореден голем дел од новомобилизираните 360.000 воени резервисти. Во изминатите денови имаше размена на артилериски оган помеѓу Израел и милитантите кои делуваат во Либан, како Хезболах и Исламски џихад, при што вчера загинале тројца израелски војници.
Денеска во Тел Авив пристигна државниот секретар на САД Ентони Блинкен за да му изрази поддршка на Израел, порачувајќи дека Америка секогаш ќе биде на негова страна.
– Секој што сака мир и правда мора да го осуди теророт на Хамас, кој има само една агенда – да го уништи Израел. Во исто време, мора по секоја цена да се избегнат цивилни жртви од која било националност – изјави Блинкен.
Во исто време генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека министрите за одбрана на членките на Алијансата жестоко ги осудиле нападита на Хамас врз цивилите и повикаа на итно ослободување на сите заложници, при што голем број сојузници јасно ставија до знаење дека му даваат практична поддршка на Израел и прават се што е можно за да се заштитат нивните граѓани погодени од случувањата на теренот.
– Ситуацијата на Блискиот Исток е проблематична и секогаш постои ризик земји или организации непријателски настроени кон Израел да се обидат да ја искористат состојбата, на пример организации како што е Хезболах или земји како што е Иран, па нашата порака до нив е да не се обидуваат да ја користат сегашната ситуација – изјави Столтенберг, додавајќи дека САД распоредуваат дополнителни воени сили во регионот, кои ја следат ситуацијата.
Во меѓувреме Франција соопшти дека не располага со официјални докази кои директно би го поврзале Иран со нападите на Хамас против Израел. Париз испрати порака до регионалните играчи да не се обидуваат да профитираат од кризата што се појавува.
За тоа време продолжуваат нападите на двете страни и расте бројот на жртвите: во Израел се убиенн околу 1.300 луѓе, а во воздушните напади на Газа загинаа над 1.400 Палестинци, меѓу кои и 447 деца.