More

    Предложил директорот Трајчевски, одлучувал Советот, немало јавен повик, така било законски!

    spot_img

    Непрофитната медиумска организација Истражувачка репортерска лабораторија (ИРЛ) доби 5 милиони денари од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), за проверка на фактите во предизборниот период кои политичките кандидати ги изнесуваат за време на јавни настапи, гостувања во дебатни емисии, јавни дискусии и дебати, истражувања на јавно мислење, пр-објави или ветувања кои се повторуваат во речиси сите предизборни програми.

    На овој ЛИНК може да се види јавната објава на оваа донација од АВМУ.

    Одлучувал советот на АВМУ на предлог на Трајчевски – така било законски

    Во одговор на прашањата на Плусинфо до Зоран Трајчевски, директорот на Агенцијата, дали станува збор за државни пари доделени врз основа на јавен повик или во друга транспарентна постапка која би овозможила и други медиуми да бараат донации, АВМУ вели:

    „Донацијата којашто Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја додели на ИРЛ е во согласност со членовите 4,6,7, 9, 10 и 11 од Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности. Постапката за одлучување е уредена со Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно одлуката ја донесе Советот на Агенцијата врз основа на предлогот на директорот.

    Една од надлежностите на Агенцијата е да ја поттикнува слободата на изразување и да се грижи за заштита на интересите на граѓаните во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги. Во современите демократски општества неопходно е практикувањето на истражувачкото новинарство со истовремено почитување на новинарските принципи и стандарди. Овој новинарски пристап придонесува за одговорно и отчетно владеење како и за откривање информации кои државните и јавните институции, компаниите или одредени личности ги поседуваат, но не сакаат да ги споделат со јавноста, а се од јавен интерес, или пак со нивното откривање преовладува јавниот интерес.

    Истражувачкото новинарство бара многу труд, време и ресурси и веројатно тоа се главните причини поради кои недостасува во македонскиот медиумски простор. Имајќи го ова предвид, во контекст на поттикнување на професионализмот и поголема застапеност на истражувачките стории, Агенцијата ја додели споменатата донација.

    Законот за донации и за спонзорства во јавните дејности точно го уредува давањето и примањето на донациите и во него не е предвидено објавување јавен повик или конкурс. Примателот на донацијата е обврзан да ги користи средствата исклучиво за намената за која е дадена донацијата, а нивната исплата се реализира откако ќе биде потврден јавниот интерес од страна на Министерството за правда“.

    Прв пат интернет медиум добива донација од АВМУ

    Одговорот на АВМУ содржи и список на сите донации што агенцијата ги доделила од 2015 до 2023 година (тој дел од одговорот на Агенцијата во целост го објавуваме на крајот на овој напис). Од тој попис јасно се гледаат три работи:

    Прво, ова е прва донација од АВМУ за истражувачко новинарство и за проверка на факти;

    Второ, ова е прва донација на АВМУ на онлајн медиум;

    Трето, останува нејасно како од групата медиуми кои се профилираат и се декларираат како медиуми кои се занимаваат со истражувачко новинарство е избрана токму ИРЛ;

    И четврто, издавачот на медиумот за кој станува збор е невладина и непрофитна организација. „Продуктите произведени во рамки на оваа донација ќе бидат додадена вредност на активностите на организацијата кои што ги поддржуваат владите на САД и Кралството Холандија и Јавниот сервис, активностни на коишто се приклучува и АВМУ“, се вели во првичното соопштение на агенцијата.

    „На 15 јануари била одржана седница на Советот на АВМУ, на која како четврта точка од дневниот ред бил предлогот за доделување на финансиска помош – донација на ИРЛ и предлог договор за донација. За оваа точка образложение поднел Зоран Трајчевски, претседателот на АВМУ и рекол дека една од основните задачи на АВМУ е да се грижи за развојот на плурализмот во медиумите, а тука спаѓа не само плурализам во сопственоста, туку и плурализам во известувањето. Како еден од важните сегменти е и истражувачкото новинарство кое драматично недостасува во нашето општество“, рекол Трајчевски, пишува порталот МКД.

    За оваа одлука на АВМУ да се спроведе се чека на позитивно мислење и на Министерството за правда за постоење јавен интерес. Според некои најнови информации, Министерството за правда ќе чека мислење од Министерството за информатичко општество и администрација.

    МАН ги повика сите медиуми да бараат донации од Трајчевски

    По информацијата за доделувањето на донацијата на ИРЛ, Македонската асоцијација на новинари (МАН) упати повик до сите медиуми да конкуруираат за донации во АВМУ за „поддршка за критичните медиумски гласови“, како што се вели во првичното соопштение на Афенцијата.

    „Македонската асоцијација на новинари (МАН) се придружува на напорите на АВМУ да ги поддржи критичните гласови кои известуваат за теми кои се важни за граѓаните и ќе им помогнат да носат информирани одлуки. МАН ја препознава и потребата на граѓаните, но и обврската на домашните институции да поддржи квалитет и содржина која ќе помогне да создадеме информиран електорат којшто ќе биде подобро запознаен со проблемите во сферата на корупција и владеење на правото во услови кога овие проблеми се недоволно претставени во медиумите.

    Затоа, Македонската асоцијација на новинари (МАН) ги повикува сите традиционални, но и интернет медиуми и платформи, во најкус можен рок да поднесат барања до Агенцијата за медиуми да им се донираат средства, по одлуката на Агенцијата за медиуми да додели 5 милиони денари народни пари како донација на ИРЛ (истражувачката репортерска лабараторија).

    Жалиме што АВМУ јавно сподели дека за донацијата кон ИРЛ на народни пари (која нема никаков законски медиумски статус) не е поврзана со законите и јавниот интерес за сите претходни донации од АВМУ. Се надеваме дека АВМУ ќе обезбеди континуирана поддршка на критични гласови на различни медиумски организации во оваа и во сите следни буџетски години, со цел подобрување на квалитетот на информациите и дистрибуцијата на квалитетни информации по примерот на европските држави.

    До моментот на формирање на Фонд за медиумски плурализам, очекуваме Агенцијатаза медиуми недискриминирачки, неселективно да се однесува кон сите организации, медиуми и/или новинари за целосна институционална поддршка.

    Официјален емаил за доставување на барањата нема, бидејќи таква е политиката на АВМУ“, се вели во соопштението на МАН.

    Прашања до ИРЛ – оди ли ова заедно со принципите на транспарентност и недискриминација при распределбата на државни пари?

    Редакцијата на Плусинфо по електрионски пат упати прашања до ИРЛ во врска со оваа донација. Ова е текстот на нашиот допис, упатен до ИРЛ во саботата во 12:24 часот:

    „Почитувани,

    АВМУ со соопштение вчера ја извести јавноста дека на ИРЛ ѝ доделила донација од 5 милиони денари. Во соопштението се наведени причините поради кои е донесена таа одлука, целите што се сака да се постигнат и други детали.

    Ова е линк до тоа соопштение (линкот е објавен во почетокот на овој напис).

    Ви посакувам донацијата да ја искористите со добро здравје, со добра мисла и со успешна работа.

    Заради дополнување и прецизирање на фактите поврзани со оваа донација, синоќа испратив прашања до Зоран Трајчевски, првиот човек на АВМУ.

    Пред сè, побарав потврда  спомнатата донација е од државни пари (буџетски, јавни), што може да се претпостави од простиот факт што АВМУ располага и распределува само јавни фондови.

    Понатаму, поставив прашање дали ако донацијата е од државни пари, имало јавен повик или друга транспарентна постапка врз основа на која е сторено тоа. Ова со оглед на фактот дека еден од основните принципи на борбата против корупцијата (мисија на ИРЛ, ако добро разбирам) е јавните фондови да се распределуваат со јавни повици или во други транспарентни постапки, кои ќе овозможат за тие фондови да конкурираат повеќе субјекти, кои меѓу себе ќе се натпреваруваат кој подобро ги исполнува зададените услови и критериуми.

    Директорот Трајчевски ми најави одговор на АВМУ во понеделник до крајот на работното време.

    Бидејќи не сакам да ја објавам веста без овие дополнителни информации и без целиот контекст, би замолил од Редакцијата и од Уредништвото на ИРЛ одговори на следните прашања:

    1. Дали ви е познато дали донацијата од АВМУ е од државни пари?
    2. Дали ИРЛ учествувала на јавен повик или во некоја друга законски дефинирана и транспарентна постапка за да ја добие донацијата?
    3. Дали ИРЛ побарала ваква донација и на кој начин го сторила тоа?
    4. Со оглед на познатите ставови на новинарските здруженија ЗНМ, СЕММ и ССНМ против финансирање на недржавните медиуми со државни пари, дали ИРЛ смета дека одлуката на АВМУ е коректна и во духот на принципот на располагање и управување со државните пари на недискриминирачка основа и во транспарентни постапки?

    Однапред ви благодарам на времето и трудот што ќе ги издвоите за да ми одговорите на поставените прашања.

    Би ценел доколку сте во можност да ми одговорите до понеделник до крајот на работното време, по писмен пат, за да можам да го комплетирам најважниот дел од информацијата со потребните факти и потоа да ја објавам.

    Бранко Героски, уредник во Плусинфо“.

    До објавувањето на овој напис, Плусинфо не доби одговор на ИРЛ, но ќе го објави како посебна содржина кога ќе пристигне на нашата адреса.

     

    СИТЕ ДОНАЦИИ НА АВМУ – ДО ОВАА ЗА ИРЛ, НИТУ ЕДНА ЗА ДРУГ ОНЛАЈН МЕДИУМ

    „Во досегашното свое работење, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги повеќепати има доделувано донации на различни субјекти, водејќи се од целите на јавниот интерес. Финансиски средства се доделени на радиодифузерите, за да се поддржи постоењето и непреченото работење на плуралистички медиуми, на Советот на етика (Извршната канцеларија и Комисијата за жалби), со цел да придонесе за непречено функционирање на единственото саморегулаторно тело за медиуми во земјава, чија работа е исклучително важна за подобрување на квалитетот на медиумските содржини и на професионалноста на медиумите, но и за ублажување на последиците од природни катастрофи и човечки трагедии. Досега, доделените финансиски средства, по овие основи, во периодот од 2015-2023 година се во вкупен износ 190.132.305,00 денари. Поединечно по години, распределбата на финансиските средства за донации е следнава:

    Во 2016 година е исплатена донација од 1.000.000,00 денари за санирање на последиците од поплавите во Скопскиот регион. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Македонија.

    – Во 2018 година е исплатена донација од 1.000.000,00 денари за справување со последиците од пожарите во пошироката околина на градот Атина-Република Грција. Донацијата е исто така реализирана преку Црвениот крст на Република Македонија.

    Во 2020 година доделени се неколку донации:

    1. За справување со Ковид кризата на ЈП МРТ Скопје доделена е донација во износ од 30.000.000,00 денари;
    2. На Министерството за здравство, донација од 1.000.000,00 денари;
    3. На Министерството за внатрешни работи, донација од 1.000.000,00 денари;
    4. На сите радиодифузери кои во моментот на носење на одлуката поседуваа дозвола за вршење радиодифузна дејност, финансиски средства во висина на основицата за нивните дозволи за 2019 и 2020 година во вкупен износ од 72.616.691,00 денари;
    5. Донација за справување со последиците од земјотресот во Република Албанија од 1.000.000,00 денари, која е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија; и
    6. Донација за ТВ Канал Вис од Струмица во износ од 3.000.000,00 денари за санирање на последиците од пожарот кој ја зафати оваа телевизија.

    Во 2021 година доделени се следните донации:

    1. Беше платен надоместокот за тековната година на сите радиодифузери кои поседуваа дозвола за вршење радиодифузнaдејност за 2021 година. Вкупниот износ изнесуваше 46.001.419,00 денари. Средствата беа обезбедени со Одлука на Влада на РСМ;
    2. Исплатена е донација за семејствата погодени од пожарот во модуларната болница во Тетово. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија; и
    3. Исплатена е донација за настраданите во сообраќајната несреќа што се случи во Република Бугарија во износ од 2.850.000 денари. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија.

    Во 2022 година доделени се следните донации:

    1. Одобрена е донација во износ од 50% од висината на годишниот надоместок за 2022 година за сите радиодифузери. Одобрениот износ изнесуваше 18.143.737,00 денари; и
    2. Исплатена е донација на Радио ЕФ-ЕМ 90,3 Спортско радио на износ од 250.000,00 денари за организација 30-от Јубиларен турнир во мал фудбал на медиумите.

    Во 2023 година доделени се следните донации:

    1. Донација во износ од 25% од висината на годишниот надоместок за 2023 година. Одобрениот износ изнесуваше 10.070.458,00 денари;
    2. Донација во износ од 1.000.000,00 денари за настраданите во земјотресот во Република Турција и Сирија. Донацијата е реализирана преку Црвениот крст на Република Северна Македонија; и
    3. Донација во износ од 300.000,00 денари за подршка на работата на Советот за етика во медиумите.

    Покрај финансиски средства, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги доделуваше и движни ствари и технички средства за работа, за кои и беше престаната потреба за користење, но беа во употребна состојба.

    Така, во 2015 година, на Агенцијата за разузнавање и беа дадени на трајно користење канцелариски мебел и опрема, а во 2022 на Албанскиот театар за деца и млади, во насока на унапредување на културата, доделени се 15 персонални компјутери, 23 монитори и 2 печатачи.

    За субјектите на кои била доделена донација, нејзината висина и намената, Агенцијата секогаш била крајно транспарентна и податоците ги објавувала на својата веб страна преку соопштение за јавноста.

    Во рамки на своите финансиски можности, Агенцијата и понатаму ќе придонесува за подобрување и унапредување на медиумската сфера и професионализмот во медиумите, ќе ја поттикнува саморегулацијата и ќе поддржува и промовира јавни дејности со кои се остварувјавен интерес.“, се вели во дописот на АВМУ.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img