Претседателот на државата да може да помилува лица за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица, предложи работната група на јавната расправа што ја организара Министерството за правда за Предлог-законот за помилување.
„Имајќи ја предвид практиката од досегашната примена на законот и особено случаите поврзани со помилувањето од кривично гонење, работната група застана зад решението согласно кое Претседателот може да даде помилување само за казна, а не и за кривично гонење на поименично определени лица. Ова решение беше целосно поддржано и од работната група која работи на новиот Кривичен законик“, се наведува во денешното соопштение од Министерството за правда.
Според Министерството, значајна новина се и решенијата со кои е детално разработена постапката за помилување. Предвидени се кратки рокови за постапување за секоја од институциите кои се вклучени во постапката за помилување. Во тој контекст, нагласуваат од Министерството за правда, се и одредбите со кои се пропишува прекршочна одговорност на лицата кои постапуваат по предметите.
„На законот кој беше предмет на денешнава јавна расправа се работеше подолг временски период. Беа разгледани повеќе компаративни искуства а најголем дел од решенијата се содржани во оние држави со кои имаме слични правни системи“, нагласуваат од Министерството за правда.