По крвавиот терористички напад на концертната сала „Крокус сити хол“ во Русија, повторно почна голема јавна дебата за враќањето на смртната казна во Русија. Многумина Руси на социјалните мрежи бараат смртна казна за терористите по судската истрага.
Претседателот на Уставниот суд Валериј Зоркин тврди дека треба да се донесе нов устав за да се врати смртната казна. Знаејќи дека во Русија нема ни закон за уставна конференција, тој се обидува да му стави крај на јавното барање за смртна казна.
Eден од коавторите на Уставот на Русија Сергеј Шахрај му одговори на Зоркин дека Основниот закон на земјата содржи одредба за смртна казна веќе 31 година.
– За примена на смртната казна, членот 20 од Уставот утврдува 3 едноставни услови: постоење на сојузен закон, дека казната се однесува на кривични дела против човечкиот живот, да се заснова врз одлуката на поротата. Постои таков закон, Кривичниот законик на Руската Федерација предвидува смртна казна – вели Шахрај.
Тој додава дека во моментов не постои меѓународно правен документ врз основа на кој Русија би била обврзана да продолжи да го почитува таквиот мораториум.