Откако украинското министерство за инфраструктура објави дека 218 бродови со житарици утринава се заглавени поради тоа што Русија излегла од договор за извоз кој го потпиша со Ураина и со Турција, 12 бродови само што отпловија од пристаништето во Одеса, информираше украинскиот минисер Олександар Кубраков, пишува Ројтерс.
„Во понеделникот, бродови со 354.500 тони земјоделски производи ги напуштија украинските пристаништа како дел од договорот за извоз на храна преку Црното Море“, објави портпаролот на воената администрација во Одеса.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека неговата земја ќе продолжи да го почитува договорот за извоз на жито преку Црното Море, иако Русија се повлече од договорот.
– Иако Русија се двоуми бидејќи не ги доби истите придобивки, ние решително ќе продолжиме да правиме напори да му служиме на човештвото – рече турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
ОН објавија дека е завршена првата од 40-те планирани инспекции на бродови закотвени во близина на Истанбул. Проверката ја изведе тим составен од претставници на ОН и Турција, а претходно учествуваа и претставници од Русија.
Москва во текот на викендот објави дека се повлекува од договорот „на неодредено време бидејќи не може да ја гарантира безбедноста на цивилните бродови“ по нападите врз бродовите во нејзината Црноморска флота понатаму на исток.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, синоќа изјави дека Русија со ова го става светот на работ на криза со храна.
– Што слушна светот? Дека некој наводно лансирал беспилотни летала од транспортер за жито. Што да кажам? Навистина болни луѓе. Но, овие болни луѓе повторно го ставаат светот на работ на тешка криза со храна – изјави Зеленски.
Претседателот на Украина додаде дека Русија е единствениот виновник за поскапувањето на храната на огромното подрачје од Западна Африка до Источна Азија. Тој рече дека Русија е одговорна за катастрофалниот недостиг на храна во Етиопија, Јемен и во Сомалија.
– Се разбира, партнерите со уцена се обидуваат да ја убедат терористичката држава малку да забави. Но, дали е тоа реално? Засега, фактите покажуваат дека руското раководство е повеќе заинтересирано за влошување на кризата со храна отколку за исполнување на потпишаните документи – заклучува украинскиот лидер.