Катар се закани дека ќе го запре снабдувањето со витален гас за ЕУ доколку земјите-членки строго ги применат новите закони со кои се предвидува казна за компаниите кои нема да ги исполнат поставените критериуми за емисиите на јаглерод, како и за работничките и за човековите и права.
Казната која ќе треба да ја платат компаниите кои не ги почитуваат овие европски норми изнесува 5% од годишниот глобален приход на соодветната компанија.
-Ако изгубам 5% од мојот генериран приход со одење во Европа, нема да одам во Европа… Не блефирам. Пет проценти од остварениот приход на Катар Енерџи значи 5% од остварениот приход на државата Катар. Ова се пари на народот… така што тие не можат да изгубат толку многу пари – и никој не би прифатил да изгуби толку многу пари – изјави латарскиот министер за енергетика Саад ал-Кааби за Фајненшл тајмс.
Во мај оваа година ЕУ ги усвои правилата за длабинска анализа на компаниите. Тие се дел од поширокиот пакет барања за известување чија цел е усогласување на компаниите со амбициозната цел на ЕУ за постигнување нето нула емисии до 2050 година.
Но, директивата предизвика широка реакција кај компаниите, внатре и надвор од ЕУ, кои се пожалија дека правилата се претешки и ги ставаат во неповолна положба во однос на конкуренцијата.