Пратениците од СДСМ и ДУИ да гласаат за продолжување на важноста за пасошите, а ако не, нека се откажат од дипломатските пасоши со кои се привилегирани додека народот е затворен – реагира ВМРО-ДПМНЕ во соопштение.
„СДСМ и ДУИ заглавија над 1 милион луѓе во Македонија. Знаеја за рокот за промена на пасошите и со години молчат и не преземаат акција. Напротив, две и пол години издавале пасоши за кои знаеле дека важноста ќе помине пред истекот на датумот впишан на самите исправи. И комотни се, и не се вознемирени, затоа што, додека народот е затворен во државата и му е оневозможено движење, тие како пратеници и државни функционери со дипломатски пасоши можат да патуваат каде сакаат, без разлика дали пасошите се нови или стари.
Ако СДСМ и ДУИ не гласаат за продолжување на важноста на пасошите, тогаш чесно е сите нивни пратеници и функционери да се откажат од дипломатските пасоши, а не, додека народот страда, тие да ги користат привилегиите на позициите. Со право народот вели дека немаме држава, и таа треба да се врати“ – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ реагираше со соопштение во кое се вели дека ВМРО-ДПМНЕ целосно го заглавува процесот на издавање пасоши и ги манипулира граѓаните дека со закон може да се сменат обврските од меѓународен договор.
„Преку министерот во техничката Влада ВМРО-ДПМНЕ само ги компликува работите со личните документи и со погрешни одлуки и несоодветни чекори го заглавува издавањето пасоши. Наместо да го зголеми капацитетот за сликање и вадење пасоши, нивниот технички министер го укина вадењето пасош без закажување, со што се пролонгира целиот процес со месеци. ВМРО-ДПМНЕ не може да испорача решение и создава дополнителен хаос во издавањето пасоши“ – се вели во реакцијата на СДСМ.