Пратеници од српската опозиција утрово поставија катанци на оградата на зградата на судот и обвинителството во Нови Сад. Тие ги оградија и скалите на судот и ја заклучиле оградата што води до задниот двор, пишуваат српските медиуми. Опозицијата протестира поради настаните со трагедијата на Железничката станица во градот која одзеде 15 животи.
Пратениците бараат и ослободување од притвор на уапсените по протестот во Нови Сад, како и апсење на одговорните за падот на натстрешницата.
Миран Погачар, градски советник на коалицијата „Браво“ во Нови Сад, иронично ѝ се заблагодари на полицијата што „го блокирала судот и обвинителството“. Тој најави дека опозицијата ќе организира различни протестни акции низ Србија
– Поранешниот министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Горан Весиќ, излезе од притвор. Најголемите криминалци шетаат на слобода додека уште петмина од нашите граѓани се во затвор. Ја блокираме оваа зграда поради 15 убиени, двајца тешко повредени, поради Илија Костиќ кој беше претепан во полициска станица, поради наркодилерот кој е директор на Јавниот градски превоз Нови Сад, поради владата на Српската напредна странка (СНС), која е апсолутно поврзана со криминалот – рече Погачар.
На местото пристигнаа голем број полицајци.
Срѓан Миливојевиќ од Демократската партија ги праша членовите на жандармеријата дали нивната заклетва вели дека ќе претепаат 74-годишници и ќе ги „осакатуваат“. Тој алудираше на претепувањето на 74-годишниот Илија Костиќ кој употреби бибер-спреј на еден од протестите, а потоа беше претепан од полицијата.
Меѓу пристуните опозиционери се Мариника Тепиќ, Срѓан Миливојевиќ, Борко Стефановиќ, Миран Погачар, Миша Бачулов, Борислав Новаковиќ, Горан Јешиќ и други.