Обидите за поделба на ВМРО-ДПМНЕ се залудни, ВМРО-ДПМНЕ е цврство и непоколебливо и има цврста поддршка од граѓаните да опстои на позициите кои ги застапува – изјави пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ Тони Јаревски во гостување во Радио Лидер.
– Имаме ситуација каде ВМРО-ДПМНЕ 6 години е под континуиран атак, не само од надвор, не само од власта, туку и од сегменти на платена опозиција и „патриоти на батерии“, кои се многу силни зад тастатура, серија на мали партии, како да сме ние проблемот на сите прашања – истакна Јаревски.
Тој рече дека раководство и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ излегле пред граѓаните и јасно кажале дека можат да веруваат на ВМРО-ДПМНЕ и сите чекори досега што беа направени се во насока дека нивната доверба ќе биде оправдана.
– Имаме фактичка ситуација каде ВМРО-ДПМНЕ има најмалку двојна предност на сите релевантни анкети, кои сега се во оптек, и се разбира дека во таква ситуација нашите политички ривали или непријатели ќе ги искористат и ќе посегнат по сите средства и инструменти со цел таа фактичка состојба да ја променат и да стигнат до нивните лукративни цели. Во тој процес имаат намера да направат дејанија со кои ќе се обидат да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ или во крајна цел, да успеат да го поделат. Тие обиди ќе им бидат залудни. ВМРО-ДПМНЕ е цврство и нашата пратеничка група е непоколеблива. Ќе опстоиме на ставот и нема да се случи нешто на што ние сме се обврзале дека ќе го направиме – вели Јаревски.