Откако беше прогласено кои десет земји одат во финалето на Евровизија, се одржа прес-конференција на која беа поставувани прашања и на Израелката Еден Голан, која помина во финалето со песната „Hurricane“.
Новинар од Полска доби можност да и постави прашање на претставничката на Израел, па без двоумење прашал.
„Дали некогаш сте помислиле дека, поради тоа што сте тука, ги загрозувате и другите учесници и јавноста?“
Водителот на прес-конференцијата веднаш рече дека „не мора да одговара ако не сака“.
„А зошто да не?“, се побуниле неколку новинари.
Еден Голан прво застанала, а потоа одлучила да одговори на прашањето.
„Мислам дека сите сме тука поради една причина, ЕБУ ги презеде сите мерки да го направи ова натпреварување безбедно за сите нас. Мислам дека е безбедно за сите, инаку немаше да бидеме тука“, изјавила Еден Голан на прес-конференцијата.