Познато е дека Ирците ја мразат Англија, но дека мајка му на Џо Бајден, Иркињата Кетрин Финеган, одбила да преспие во креветот во кој спиела кралицата Елизабета никој не би претпоставил. Ова го дознала писателката Џорџија Причет во разговор со Бајден. Претседателот не се двоумел на писателката да ѝ покаже стотици песни кои мајка му ги напишала, а во кои таа бара Бог да „врне крв“ врз Англичаните, пишува Гардијан.
„Тој (Бајден) ја смени темата (на разговорот) за да каже колку мајка му ги мрази Англичаните. Неговите родители биле Ирци и таа напишала неколку песни за нејзината омраза кон Англичаните. Тој отиде да ги најде и се врати со стотици песни кои опишуваат како Бог мора да ги порази Англичаните и да им наврне дожд од крв врз главите“, пишува Џорџија која се сретнала со Бајден во Белата куќа.
Причет го запознала Бајден бидејќи спроведувала истражување за хит-комедијата Veep, на чие сценарио работела.
„Тој, исто така, се присети како неговата мајка, Кетрин Финеган, позната како Џин, ја посетила Британија и поминала една ноќ во хотел каде што, како што ѝ било кажано дека кралицата еднаш престојувала“, продолжува текстот.
„Таа беше толку згрозена што цела ноќ спиеше на подот, наместо да ризикува да спие на креветот на кој спиела кралицата“, напишала Причет, додавајќи дека таа, како автор, лично се восхитува на секој што дозволува неговите принципи да имаат предност пред удобниот кревет.
Силните ирски корени на фамилијата на Бајден и неговото чувство за идентитет никогаш не биле тајна. Набргу по неговата номинација за претседателски кандидат на Демократската партија, тој беше забележан од новинарот на Би-Би-Си, Ник Брајант, кој му барал „брза изјава за Би-Би-Си“ во една преполна просторија.
– Би-би-си? – прашал Бајден.
– Јас сум Ирец – додал со насмевка.
Мајката на Бајден почина во 2010 година и се сметаше дека имала важно влијание во неговиот живот. Таа живеела заедно со него откако починал нејзиниот сопруг во 2002 година.
Разни статии ја објаснуваат важноста на мајка му на Бајден за неговите морални вредности, католицизмот и за верувањето во семејството. На нејзиниот погреб тој рече дека неговата мајка го научила дека семејството „никогаш не треба да биде заплашено од моќ, богатство или од позицијата во општеството, дека не моравме да ги прифатиме општествените правила“.