Товарниот брод кој од вторникот вечерта гори крај холандскиот брег превезувал речиси 500 електрични возила, значително повеќе од 25-те како што беше првично наведено, објави денеска компанијата за изнајмување бродови „К Лајн“.
-Во пожар на товарниот брод „Фремантл хајвеј“, регистриран во Панама, кој превезувал нови автомобили, загинал индиски член на екипажот, а повредени се седум членови на екипажот кои скокнале во морето за да се спасат. На бродот имало 3.783 возила, вклучително и 498 електрични возила – изјави портпаролот на токиската K Line (Kawasaki Kisen Kaisha), која го изнајмила бродот.
Тој не открие ништо за марките на автомобилите или дали бродот превезувал јапонски автомобили, иако претходно компаниите „Мерцедес“ и „БМВ“ потврдија дека на бродот имало повеќе автомобили од нивно производство.
Крајбрежната стража вчера на својата веб-страница објави дека причината за пожарот е непозната, но на снимката на холандската телевизија RTL се слуша како лице од службата за итни случаи вели дека „пожарот започнал во батерија на електричен автомобил“.
Литиум-јонските батерии на електричните возила горат со двојно поголема енергија од вообичаениот пожар, а поморските власти и осигурителите компании велат дека индустријата не успеала да држи чекор со ризиците.
Панамските поморски власти започнаа истрага, а Холандија помага во истрагата, објави холандскиот одбор за безбедност.
Товарниот брод долг 199 метри сѐ уште гори и плови на околу 17 километри од најсеверниот холандски брег и може да предизвика гиолема еколошка катастрофа во област заштитена од УНЕСКО, соопшти крајбрежната стража.
Бродот натоварен со над 3.000 возила пловел од Германија до Египет, а агенцијата ДПА посочува дека крајната дестинација бил во Сингапур.