Пожар доцна синоќа избувнал во термоелектраната Осломеј кај Кичево, а пријавата пристигнала нешто по 20 часот при што веднаш на терен пристигнале екипи од територијалната противпожарна единица. Пожарот се гаснел до полноќ.
„Термоелектраната Осломеј вечерва е исклучена од производство поради проблем со еден од вентилаторите во делот на отпепелувањето, што доведе до самозапалување на помала количина несогорен јаглен и пепел“, јавија од ЕСМ.
„Настанатиот пожар од помали размери надвор од термоелектраната, е локализиран со сопствени ресурси, додека од превентивни причини е повикана противпожарната служба, согласно процедурите за запостапување“, се вели во написот.
„Веднаш ќе се пристапи кон санирање во делот на вентилацијата на отпепелувањето и се очекува електраната да биде вратена на мрежа во најбрзо време и да работи според планот за производство, за што е обезбедена доволна количина набавен јаглен и јаглен од сопствен ископ на РЕК Осломеј“, соопшти ЕСМ.
ТЕЦ Осломеј беше вклучен на мрежа на 3 декември. Во претходниот период се вршеа неопходни дополнителни ремонтни активности, особено на млиновите и каналите за јагленова прашина кои се најизложени на влијанието на користењето јаглен од различни наоѓалишта.
Кичевскиот капацитет е најпотребен за зимските месеци, кога потребата од електрична енергија е најголема, а истовремено купувањето струја од странство е скапа опција.
Во моментов нема информации за штетата и дали воопшто во овој момент термоелектраната, која е стара 42 години и користи сопствен и увозен јаглен, произведува електрична енергија.