Ноќеска во центарот на Скопје, на крстосницата кај зградата на Европска Унија и Тутунска банка, се преврте возило на Брза помош со кумановски регистарски таблички.
Како што информираше Министерството за внатрешни работи, автомобил „фолксваген туран“ се судрил со кумановското возило на Брза помош, а тешки телесни повреди заработил возачот на автомобилот. Повреден од сударот бил и пациентот што се наоѓал во возилото на Брза помош, како и една негова сопатничка.
„Пријавено дека во Скопје на крстосницата од бул. Климент Охридски и ул. Св.Кирил и Методиј се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко моторно возило ‘фолксваген туран’ со скопски регистарски ознаки управувано од Ч.Д.(57) од Скопје и возило ‘мерцедес’ со кумановски регистарски ознаки сопственост на Итна медицинска помош управувано од В.С.(23) од Куманово. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот Ч.Д., а со телесни повреди се здобиле возачот на возилото од Итна медицинска помош, сопатничката од истото возило А.К.(40) и лицето кое се превезувало како пациент Ж.Ц.(72) двајцата од Куманово констатирани во Комплексот клиники ‘Мајка Тереза’ и Градската општа болница ‘Св.Наум Охридски’“, велат од МВР.