Повеќе од 50.000 луѓе избегаа од Нагорно-Карабах во Ерменија од 24 септември, изјави денеска за новинарите Назели Багдасаријан, прес-секретар на ерменскиот премиер.
– Досега преку мостот Хакари поминале 50.243 лица. Околу 5.700 лица користеле привремено сместување обезбедено од државата – наведе Багдасарјан, пренесе РИА Новости.
Мостот се наоѓа во коридорот Лачин, каде што функционира контролниот пункт Лачин, единствениот контролен пункт на ерменско-азербејџанската граница.
Според официјален Ереван, пред последното заострување на односите во Нагорно-Карабах живееле 120.000 Ерменци.
На 19 септември Азербејџан започна воена операција во Нагорно-Карабах, нарекувајќи ја „антитерористички мерки од локална природа“ за враќање на уставниот поредок во регионот.
Ереван ги окарактеризира овие акции како агресија, велејќи дека нема ерменски единици во Нагорно Карабах.
Еден ден подоцна, со посредство на руските мировни сили, беше постигнат договор за прекин на огнот, а меѓу условите на примирјето беше истакнато и разоружувањето на ерменските формации.