Во Јапонија, минатиот месец беше најтоплиот јули досега. Како резултат на високите температури во јули, повеќе од 120 луѓе загинаа само во Токио, јави јапонската јавна телевизија NHK, повикувајќи се на податоци од форензичката канцеларија.
Според прелиминарните податоци на Јапонското биро за судска медицина, 123 лица починале од топлотен удар во јули, додека 3.647 се хоспитализирани поради симптоми на топлотен удар, што е зголемување за 573 од ланскиот јули. Најголем број хоспитализирани има на 8 јули, 304, кога температурата во центарот на Токио се искачи на 39,2 степени Целзиусови.
За прв пат од 2018 година, бројот на загинати од горештините во Токио надмина сто. Просечната дневна температура во земјата во јули беше 26,2 степени Целзиусови, 2,2 степени повисока од јулскиот просек забележан помеѓу 1991 и 2020 година. Тоа беше и највисоката просечна јулска температура откако Бирото за метеорологија во 1898 година почна да ги собира овие податоци.
Во Јапонија предупредувањата за високи температури важат за 34 од 47 префектури, пренесува шпанската прес-агенција EFE.