Повеќе од 100 луѓе загинаа во израелски напад врз училиште во градот Газа, објавија денеска палестинските медиуми.
-Бројот на загинатите сега е 100, има уште десетици ранети. Три израелски ракети го погодија училиштето во кое беа сместени раселени Палестинци – изјави портпаролот на палестинската Агенција за цивилна одбрана, Махмуд Басал.
Израелската војска соопшти дека нападнала „командно-контролен центар“ на Хамас што бил во училиштето Ал-Табиин во населбата Дарај.
Палестинската воена група Исламски џихад соопшти дека нападот се случил „за време на утринска молитва“.
Исмаил Ал-Тавабта, генерален директор на владината канцеларија за медиуми во Газа, изјави дека „голем дел од повредените се во тешка и критична состојба“.
Во училиштето имало околу 250 жени и деца.