Потврден е прв случај на морбили кај 13 месечно дете од Свети Николе.
Марија Димитрова, директор на Центарот за јавно здравје-Штип, потврди дека анализите од крвта се пристигнати денеска од Институтот за јавно здравје, кои потврдуваат дека станува збор за морбили.
Таа рече дека детето било хоспитализирано прво на детското одделение во штипската Клиничка болница, веднаш по појавата на осипот е испратен примерок од крв во Скопје, а резултатот е пристигнат денеска.
– Сметам дека нема место за паника за здравствениот персонал од детското одделение кој бил во контакт со 13 месечното дете. На целиот персонал, кој е вакциниран со две дози со вакцината МПР направени се анализи, а кај тројца кои немаат антитела денеска веќе им извршена имунизација. Детето од детско одделение беше примено на инфективното одделение – вели Димитрова.
Заразеното бебе има поголемо братче, кое ги има примено двете дози на вакцина против морбили. Се бараат сите контакти и од каде детето се заразило со морбили.
МИА пред три месеци пренесе дека лекарите алармираат оти се заканува епидемија од морбили или меѓу народот позната како ситни сипаници. Тогаш предупредија дека до епидемија ќе дојде поради понискиот процент на вакцинирани деца, во споредба од пред три години, кога и беше прогласена епидемија со мали сипаници. Се очекува утре да се состане и Комисијата за заразни болести, за мерки, да се спречи ширењето на овој вирус.