Во тек се операции за пребарување и спасување на луѓето затрупани под урнатините по разорниот земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала што го погоди Мароко во саботата.
Акциите продолжија во областа Амизмиз во Маракеш, која беше погодена од земјотресот.
Најмалку 2.122 лица загинаа, а 2.421 се повредени во силниот земјотрес што го погоди Мароко, соопшти во неделата Министерството за внатрешни работи. Меѓу повредените, 1.404 лица се во критична состојба.
Франција испраќа милионска помош за здруженијата
Франција одлучи да испрати пет милиони евра помош за локалните и меѓународните здруженија кои работат во Мароко како дел од хуманитарните напори по разорниот земјотрес.
Министерката за надворешни работи Кетрин Колона во изјава за францускиот канал BFMTV изјави дека ќе испрати пет милиони евра за помош во Мароко од фондот што се чува во буџетот на Министерството за вонредни ситуации.
Колона изјави дека оваа помош ќе биде дистрибуирана до локални и меѓународни хуманитарни организации, како и до француските здруженија кои работат во земјата.
Анадолија
Колона рече дека меѓу загинатите во земјотресот има и четворица француски државјани.
Тридневна национална жалост
Кралот на Мароко, Мохамед Шести, по земјотресот што ја погоди земјата, прогласи тридневна национална жалост за време на која знамињата на јавните згради ќе бидат спуштени на половина копје.
Покрај тоа, кралот ја задолжил Владата да формира министерски комитет за програмата за обнова на куќите уништени од земјотресот.
Ова е најсилниот земјотрес што ја погодил оваа северноафриканска земја во последните сто години, соопшти Националниот институт за геофизика на Мароко.
Земјотресот бил почувствуван во соседните Алжир и Мавританија.