Потпретседателот на Лукоил Виталиј Владимирович Робертус ненадејно почина на 54-годишна возраст, се наведува во соопштението од компанијата.
Веднаш по завршувањето на студиите, Робертус почнал да работи во Лукоил како економист.
„Во текот на повеќе од 30 години работа во Лукоил, тој ја стекна почитта од своите колеги не само во компанијата, туку и во индустријата во целина. Добитник е на државни и ресорни награди за успех во развојот на домашното гориво и енергетскиот комплекс“, се додава во соопштението.
„Украинска правда“ пишува дека ова е четврти висок менаџер на Лукоил кој починал во последните 2 години.
Претседателот на Одборот на директори на Лукоил Владимир Некрасов почина во октомври 2023 година од срцева слабост.
Некрасов застана на чело на Лукоил откако неговиот претходник Равил Маганов почина при пад од прозорецот на Централната клиничка болница во Москва во август 2022 година.
Поранешниот генерален директор на компанијата Александар Суботин почина во мај 2022 година, а неговото тело беше пронајдено во приватна куќа. Истрагата утврдила дека и Суботин починал од срцева слабост.