Општина Охрид и Универзитетот за туризам и менаџмент од Скопје денеска склучија меморандум за соработка со цел да обезбедат услови за идни партнерства за развој на туризмот. Официјалниот документ го потпишаа градоначалниот Кирил Пецаков и ректорот на универзитетот проф. д-р Аце Миленковски.
Целта на меморандумот е продлабочување на соработката помеѓу двете институции и овозможување на услови за аплицирање на проекти кои се од заеднички интерес. Меморандумот опфаќа и реализација на практикуми за студенти, организирање на настани од заеднички интерес и подобрување на капацитетите на вработените во општината со реализација на обуки, работилници и семинари од страна на универзитетот.
Универзитетот за туризам и менаџмент во Скопје ќе овозможи и експертска поддршка во сферата на градење и креирање на атрактивни туристички брендови и ќе додели петнаесет стипендии за упис на додипломски студии во академската 2022/2023 година кои ќе бидат наменети за студенти од Општина Охрид. Критериумите за доделување на стипендиите ќе бидат јавно објавени за заинтересираните да може да ги видат и да аплицираат.
Градоначалникот Пецаков упати благодарност до проф. д-р Миленковски за покажаниот интерес и изрази надеж дека воспоставената соработка ќе вроди конкретни и квалитетни проекти, кои дадат придонес во современиот развој на Охрид, како најголем туристички центар во нашата држава.