Метеопрогнозерот Славчо Попоски пред извесно време ја сподели со Плусинфо својата прогноза дека може да очекуваме снег во градовите при крајот на овој месец. Според неговите најнови прогнози, тоа може да се случи веќе во следниве денови, кога се очекува снежната границата да се спушти под 1.000 метри надморска височина.
– Продолжува многу променливото и постудено време во Македонија, како што му личи на овој период од годината. Денес и утре сѐ уште ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на планините над 1.500 метри и тоа особено во западните предели ќе има повремени врнежи од снег. Потоа в петок ќе има краткотрајно стабилизирање на времето, додека за време на викендот ќе има нови врнежи од дожд, додека на планините над 1.200 метри ќе врне снег. Снежната граница и тоа особено во северните предели може да се спушти дури до околу 1000 метри надморска височина па и пониско – вели Попоски.
Тој додава дека особено в четврток ќе дува умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен и од северозападен правец. Наутро температурите на повеќе места ќе се спуштаат под нулата, односно од -6 до 5 степени, додека максималните дневни ќе се искачуваат од 7 до 16 степени. За време на викендот максималните температури ќе бидат уште пониски, од 6 до 12 степени.
– Во Скопскиот регион продолжува периодот на многу променливо време. Во четврток ќе дува и умерен, повремено засилен ветер од северен и од северозападен правец. Ќе има услови и за повремен дожд со послаб интензитет. Температурите понатаму ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 10 и 11 степени. Наутро пак истите ќе бидат пониски и ќе се спуштаат во интервалот од -2 до 4 степени – објаснува Попоски.
Тој вели дека до сабота ќе преовладува променливо облачно време, а утре ќе има појава на локален дожд. Утре и в петок долж Повардарието ќе дува засилен северозападен ветер.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека за време на викендот температурата значително ќе се намали.
– В недела се очекува нов влажен бран со врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. Следните денови минималната температура ќе се движи од – 6 до 5 степени, а максималната од 6 до 14 степени – соопштија од УХМР.