Европскиот фудбал доцна синоќа го погоди страшна вест. Поради нападот во кој загинаа двајца шведски навивачи, прекинат е квалификацискиот натпревар за ЕВРО меѓу Белгија и Шведска во Брисел.
Фудбалерите за крвавиот напад дознаа дури на полувремето, но многу брзо беше донесена заедничка одлука мечот да не продолжи. Виктор Линделоф, шведскиот капитен и член на Манчестер Јунајтед, иницираше прекин на играта, а белгиската репрезентација веднаш се согласи на тоа:
„Белгија веќе се квалификуваше, дали воопшто треба да играме? На полувремето веднаш се договоривме да ја прекинеме играта, како капитен јас ја презедов иницијативата. Разговарав со соиграчите и со Белгијците, тие се согласија со мене. Сега е важно Швеѓаните да се безбедни. Страшно е што си во опасност бидејќи носиш шведски бои“, изјави Линделоф, кој по мечот се запраша зошто воопшто мора да се игра натпреварот.
Шведскиот тренер Јане Андерсон беше настрана:
„Каде оди овој свет? Сите сме многу тажни поради се што се случи, плачевме. Би сакал да изразам сочувство до семејствата на загинатите. Во овој момент не е важно дали натпреварот ќе се игра“, изјави тој за новинарите.
Евакуацијата на навивачите се чекаше до полноќ, сектор по сектор од стадионот се празнат, а последни дојдоа шведските навивачи, кои под силна полициска заштита беа пренесени во своите хотели. Последните шведски навивачи го напуштија стадионот само околу 4 часот наутро.
Да додадеме дека белгиските медиуми објавија дека полицијата го застрелала и неутрализирала напаѓачот од Брисел.