Оштетувањето на нуклеарната централа во Запорожје би предизвикало невидено радиоактивно загадување, изјави претставник на локалната администрација.
Шефот на воено-цивилната управа на Енергодар, Александар Волга изјави дека нападите врз реакторите престанале, но дека продолжува гранатирањето на потрошеното нуклеарно гориво во непосредна близина на единицата 6.„Властите на Енергодар се крајно вознемирени од овие дејствија, бидејќи оштетувањето на инфраструктурата на нуклеарната станица би имало последици од невидени размери. Глобалната катастрофа што би можела да се случи многу би ги надминала последиците од нуклеарните катастрофи во Чернобил и Фукушима во однос на радиоактивна контаминација“, изјави Волга за ТАСС. Да потсетиме, Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за нападите врз нуклеарната централа во Запорожје. Руските сили ја презедоа контролата врз нуклеарната централа уште во март 2022 година, а централата сè уште е составена од украински персонал. Последниве денови ситуацијата стана доста тензична, а генералниот директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, бара пристап до нуклеарните централи за да ја процени ситуацијата. Во својот последен извештај за статусот на нуклеарната централа Запорожје, МААЕ објави дека гранатирањето забележано во саботата предизвикало одредена штета, но дека достапните мерења на радијацијата продолжиле да покажуваат нормални нивоа.