Португалскиот фудбалер Кристијано Роналдо ги прифатил условите на саудијскиот клуб Ал Насри и до крајот на календарската година ќе биде претставен како ново појачување, најголемо во историјата на овој клуб.
Роналдо веќе неколку недели е слободен фудбалер откако доби отказ во Манчестер Јунајтед, а во јавноста повеќе пати се спомнуваше можноста тој да заврши во Саудиска Арабија за огромни пари.
Португалецот ќе потпише договор вреден 200 милиони евра годишно, пренесува мадридска „Марка“, медиум кој прв објави дека португалскиот напаѓач изминативе денови тренирал во Мадрид за да ја одржи својата форма.
Договорот со новиот клуб ќе важи до 2025 година, а со проста математика се доаѓа до фактот дека Роналдо во Ал Насри ќе заработи вртоглави 600 милиони евра. Но, секако, по цена на тоа што целосно ќе исчезне од фудбалската мапа.
Роналдо се надеваше дека на Светското првенство во Катар ќе го освои „златниот глобус“ кој го сонува целиот свој живот, но сепак на крајот тоа го стори неговиот најголем ривал Лионел Меси, кој во моментов ја слави титулата со навивачите во Аргентина.