Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека Москва, и покрај тензиите помеѓу Русија и Западот, очекува нормализација на односите во даден момент.
– Секоја конфронтација завршува со намалување на тензијата, а секоја кризна ситуација завршува на преговарачка маса. Тоа ќе се случи и овој пат -истакна Песков во програмата „Москва. Кремљ. Путин“ на државната телевизија.
Тој додаде дека „најверојатно тоа нема да се случи брзо, но оти ќе се случи“.
Според Песков, Русија е поддржувач на меѓународна хармонија заснована на заемна почит и корист и ги обвини САД, без директно да ги именува, за нивниот „каубојски пристап“.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски пак, денеска изјави дека разговарал со претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен на голем број теми меѓу кои и за воведување на осми пакет санкции кон Русија.
„Разговаравме за распоредување на следната транша од макрофинансиската помош на Европската Унија што е можно поскоро. Ја нагласивме потребата да се подготви осмиот пакет санкции против Русија, вклучително и забраната за издавање визи за руските граѓани“, напиша Зеленски на Твитер.
Тој додаде дека се координирал со Лајен за следните чекори за „ограничување на дополнителниот профит на Русија од продажбата на нафта и гас“, како и за забрзаниот процес за приклучување на Украина во ЕУ.