More

    Поранешниот вицепремиер нема да се кандидира за лидер на СДСМ

    spot_img

    Фатмир Битиќи, доскорешниот потпретседател на СДСМ и актуелен пратеник, преку соопштение со наслов „Може поинаку“, информира дека нема да се кандидира за претседател на партијата за да не се предзвика натамошна фрагментациа во партијата. Тој во својата изјава напишана и во прво лице еднина и во прво лице множина, меѓу другото наведува: „НИЕ ќе функционираме можеби како фракција, можеби како група, но сигурно како дел од СДСМ кој нема да отиде на друго место – секако, сѐ додека оној/онаа што биде избран/а за претседател/ка ќе ги покаже на дело сите оние вредности за кои што НИЕ се залагаме“.

    Во продолжение ја објавуваме во целост неговата опширна изјава:

    „Како социјалдемократ и член на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, сметам дека и јас и многу од моите сопартијци и сопартијки ги имаме потребните квалитети и квалификации за да се кандидирам(е) за претседател(ка) на СДСМ на непосредните избори што ќе се спроведат на 30-ти јуни. Фактот што во последните три години ја извршував функцијата потпретседател на СДСМ не ме фаворизира, а ниту ме прави посоодветен од било кој(а) член(ка) на партијата – сите сме еднакви, а впрочем тоа е и една од основните вредности на социјалдемократијата. Знам и дека многу од моите сопартијци и сопартијки како и голем дел од моите пријатели кои се симпатизери на СДСМ очекуваат да бидам еден од кандидатите во претстојниот избор за претседател – тоа ми претставува огромна чест и верувам дека како и досега, многумина од нив живеат и придонесуваат за нашето општество преку истите вредности како и јас.

    Дел од нашите сопартијци веќе излегоа со свои кандидатури и тоа е нивно право – сметам дека секој(а) што ги споделува социјалдемократските вредности, бил(а) активно вклучен(а) во претходните изборни процеси со цел победа на СДСМ и е со желба за обединување и вредносно возобновување на партијата во периодот што следи, заслужува да ја добие мојата и поддршката на сите наши членови. Во исто време, дел од членовите веќе заземаат страни и даваат поддршка за своите фаворити на начин кој, според мене, не е најдобриот ако најважната цел во овој период ни е зачувување на единството и достоинството во СДСМ. Сега ни треба отчетност, интегритет, транспарентност и фер во изборите што престојат – а со почитување на истите ќе покажеме дека државотворноста на Социјалдемократскиот сојуз не е само на хартија.

    Јас, како Фатмир, не сум најсилната алка ниту во СДСМ ниту во нашето општество – но јас, како дел од ТИМОТ кој ги живее сите претходно-спомнати вредности, сум еден од тие кои смета дека нашата партија за скоро време може да се врати на победничките патеки.

    НИЕ сме тие кои веруваат дека можеме ПОИНАКУ да ги прифатиме методите на разбирање, соработка и взаемно почитување на различностите. НИЕ сме тие кои бараат ПОИНАКОВ пат до единство и дијалог, кои сметаат дека потребно е ново лидерство кое на ПОИНАКОВ начин ќе се усогласи со социјалдемократските вредности.

    НИЕ сме тие кои веруваме во општество каде сите сме еднакви, НИЕ сме тие кои веруваме во искрен дијалог и солидарност со синдикатите/работниците, НИЕ сме тие кои веруваме во социјална кохезија, НИЕ сме тие кои веруваме во функционална и флексибилна јавна администрација во дигитализирано општество, НИЕ сме тие кои веруваме во интеркултурализмот, НИЕ сме тие кои веруваме во социјалдемократијата како прогресивна сила во Македонија – а НИЕ сме многумина и различни, но солидарни во нашите идеали и цели.НИЕ сме многу повеќе од само Фатмир – НИЕ сме и Борче и Валентина и Кирил и Сафија и Роберт и Ана и Милан и Денис и Кристина и Стефан и Невзат и Владимир и Маријана и Стојанче и Илија и Весна и Методија и Дејан и Мевљуде и многу други и многу различни. НИЕ сме и бизнисмен(к)и и синдикалци и занаетчи(јк)и и административци и пензионер(к)и и млади и касиер(к)и и хигиеничар(к)и и раководител(к)и и многу други и многу различни професии. НИЕ сме и Македонци и Албанци и Роми и Црногорци и Власи и Турци и Бошњаци и Срби и Еѓипјани и многу други и многу различни етникуми во нашата Македонија.Во рамките на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија НИЕ ќе функционираме можеби како фракција, можеби како група, но сигурно како дел од СДСМ кој нема да отиде на друго место – секако, сѐ додека оној/онаа што биде избран/а за претседател/ка ќе ги покаже на дело сите оние вредности за кои што НИЕ се залагаме.

    А да бидеме јасни: НИЕ веќе не прифаќаме компромиси со темелните социјалдемократски вредности – доволно тоа се направи во изминатите две, а и повеќе години. Веќе немаме простор, а ниту ни време за импровизации со идеологијата која ја носиме во себе.И да појаснам: сега, во овој изборен период нема да се кандидирам за претседател на СДСМ, а тоа го правам за да ја спречам понатамошната фрагментација и поларизација меѓу нашето членство.

    Но мојата политичка мисија се протега надвор од партиските функции и поделбите, таа ја нагласува соработката, дијалогот и меѓусебното разбирање, што единствено може да се постигне ПОИНАКУ, со враќање на социјалдемократските вредности. Тоа е сосема ПОИНАКУ од досегашните политички навики на однесување кон државата, па и кон партијата. Очекувам и верувам дека идеологијата и вредностите ќе ја направат разликата и промената првин во СДСМ, а потоа и во државата.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img