Порно ѕвездата Сторми Даниелс вчера даде изјава пред обвинители во врска со напорите на поранешниот претседател Доналд Трамп да ја принуди да молчи со тоа што ѝ плаќал пари преку поранешниот адвокат на Трамп Мајкл Коен.
„Даниелс се сретна со обвинителите на Менхетен, одговори на нивните прашања и е подготвена да сведочи на суд“, објави нејзиниот адвокат Кларк Брустер на Твитер.
Таа му се заблагодари на својот адвокат, исто така преку Твитер, затоа што ѝ помогнал во нејзината „постојана борба за вистина и правда“. Окружното обвинителство на Менхетен одби да ги коментира овие информации.
Адвокатот на Сторми Даниел ја соопшто оваа вест истиот ден кога и Коен, поранешниот адвокат на Трамп, во врска со истиот случај дал изјава пред судската порота во Њујорк. Коен на свеодчењето изјавил дека сума од 130.000 долари ѝ била платена на Сторми Даниелс во 2016 година, за време на последните недели од првата претседателска кампања на Трамп.
Во тоа време, таа преговарала да се појави на телевизија за да ги изнесе своите тврдења за сексуалната врска што ја имала со Трамп една деценија претходно. Плаќањата оделе преку Коен, кој на сличен начин исплаќал и друга жена по инструкции на Трамп, сведочеше неговиот поранешен адвокат.
По вчерашното, веројатно последно сведочење, Коен рече дека ќе продолжи да им дава на обвинителите „секакви информација и соработка што им е потребна“. Иако ги прекинал односите со Трамп, Коен рече дека тоа не го прави од одмазда.
Сторми Даниелс изјави дека во 2006 година имала сексуална врска со Трамп која не ја сакала, но на која не се противела, а Трамп тврди дека тоа никогаш не се случило. Неговиот сегашен адвокат вели дека Трамп е повикан да сведочи пред големата порота во Њујорк, но не планира да го стори тоа.
Во 2018 година федералните обвинители го обвинија Коен за прекршување на финансирањето на кампањата поврзани со плаќањата на Сторми Даниелс и на моделот на списанието Плејбој, Карен Мекдугал. Мекдугал била наградена со 150.000 долари и тврдеше дека имала афера со Трамп во 2006 и 2007 година додека тој бил во брак. Трамп го негираше тоа.
Коен се изјасни за виновен, одлежа затворска казна и беше отпуштен од адвокатската комора.
Федералните обвинители не поднесоа никакви обвиненија против Трамп.