Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, упати честитка до православните христијани по повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица, а го честита и Денот на рударите, што исто така се одбележува денеска.
„Денес е денот кога сите ние треба да си спомнеме за христијанските вредности кои со векови се дел од нашата традиција и вера. Љубовта кон ближните, но и хуманоста се темелите на нашата духовност, бидејќи тие не учат дека треба да жртвуваме дел од нас, да бидеме трпеливи и истрајни, за да направиме подобро денес и подобро утре за нас, но и за нашите идни поколенија. Искушенијата и предизвиците се дел од секој пат, но сплотени заедно можеме сите нив да ги надминеме“ – наведува Мицкоски.
Тој дополнува дека денес многу македонски семејства ја споделуваат тешката судбина на несигурност, сиромаштија и одземена иднина.
„Ако криминалот и корупцијата ги ништат темелите на нашиот дом, тогаш мораме одлучно да се справиме со нив. Ако отуѓеноста и апатијата ни се закануваат, тогаш заедничкиот патриотизам и проактивноста на секој од нас мора да биде одговорот со кој ќе се спротивставиме“ – порачува Мицкоски.
По повод прославата на Денот на рударите, претседателот ан ВМРО-ДПМНЕ посочи дека македонските рудари се соочуваат со бројни проблеми и тешки услови за работа и порача дека тоа мора да се промени.
„Потребни се достоинствени услови за работа и платен труд. Заедно да изградиме подобро и праведно општество. Ќе донесеме иднина за секој еден човек. Заедно да ја промениме грдата слика на секојдневието и да се избориме за иднина. За многу години празникот Успение на Пресвета Богородица. Нека Бог и нашата заштитница Мајката Божја ја штитат Македонија. Нека е вечна Македонија“ – стои во пораката од Христијан Мицкоски.