На десетина дена пред официјалниот почеток на новата сезона за производство на ориз земјоделците во кочанскиот регион се загрижени поради целосниот застој во откупот на арпата од минатогодишната реколта.
Над 10.000 тони арпа сѐ уште ги чуваат во домашните магацини затоа што откупно-преработувачките претпријатија не склучуваат нови договори за откуп, а и цените што ги нудат се неприфатливи во однос на трошоците за производство.
-Имаме информации дека на Собрание треба да помине предлог за откуп на околу 3.000 тони за стоковите резерви, но досега тоа не е реализирано. Редовен откуп воопшто нема, туку има само поединечни случаи кога им се земаат одредени количини на земјоделци кои имаат повисок квалитет на арпата. Според нашите проценки околу 50% од произведените количини стојат на залиха кај земјоделците. Очекувавме една третина да отиде за стоковите резерви, околу 2.000 тони да се искористат како семенски материјал за новото производство, а останатите количини остануваат како проблем – истакнува Тони Максимов, оризопроизводител од Облешево.
Последните цени што се исплаќаа пред прекинот на откупот се движеа од 22 до 25 денари за килограм арпа, во зависност од квалитетот.
Од откупните претпријатија во регионот велат дека нивните магацини се преполни со арпа што не се преработува затоа што подолг период се соочени со отежнат пласман на бел ориз на пазарите во соседните земји.
-Имаме разбирање за револтот на земјоделците, но пласманот во странство е многу отежнат затоа што нашите цени се превисоки и неконкурентни во однос на другите производители. Практично, 70% од произведениот ориз во нашата држава треба да се извезе, но според движењата на берзата, повисоки сме со цените за околу 30%, а за некои сорти дури и двојно повеќе. Тоа значи дека имаме скапо производство што трае со години, па само кога во другите држави ќе има недостиг поради суши и други временски влијанија, ние можеме да пласираме нешто. Од друга страна и откупот за стокови резерви е проблематичен, затоа што и тие количини нема каде да се пласираат – вели Чедо Атанасовски, директор на фабриката за ориз „Е-ма стил“ од Чешиново..
Решението, според него, е во намалување на трошоците за производство, односно државата да помогне во обезбедувањето поевтини заштитни препарати и вештачки ѓубрива, како и со окрупнување на површините и едукација на земјоделците.
Земјоделците се во очекување и на планот за наводнување од кој ќе зависи сеидбата на оризот за новата сезона, но најверојатно ќе има големи рестрикции во површините поради сушната сезона. Акумулацијата Калиманци има нешто повеќе од 50 милиони кубни метри вода, што е половина од нејзиниот капацитет, што значи дека може да се очекува најмалку за толку да се намалат минатогодишните 4.500 хектари што беа засеани со ориз.