Метеопрогнозерот Славчо Попоски за Плусинфо објаснува дека во следниот период во Македонија ќе го имаме феноменот „температурна инверзија“. Овој феномен, како што вели, придонесува во повисоките и планинските места да биде потопло, а во низините и котлините постудено.
– Во следниот период, вклучувајќи ја и новогодишната ноќ, како и првата седмица од новата 2023 година ќе продолжи стабилното, суво и сончево време и тоа особено на повисоките места и на планините. Повремено ќе има појава на умерена облачност а ќе биде и тивко – вели Попоски.
Тој додава дека по одделни котлини и речни долини, вклучувајќи ја и Скопската Котлина, како и котлините кои се наоѓаат долж Повардарието ќе има појава на густа магла и на ниска облачност, со што и воздухот ќе биде значително загаден.
– Температурите наутро ќе се спуштаат под нулата, додека максималните дневни ќе бидат невообичаено високи и тоа особено за време на викендот и следната седмица, и особено на повисоките и планинските места. Максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 10 до дури 17 степени – ни рече Попоски.
Метеопрогнозерот напоменува дека во местата со магла и ниска облачност, вклучувајќи ја и Скопската Котлина температурата ќе биде пониска, а воздухот во Скопје и понатаму ќе биде многу загаден.
– Максималната температура во Скопје во следниот период ќе биде релативно пониска за разлика од повисоките и планинските места и ќе се искачува во интервалот помеѓу 8 и 9 степени. Наутро, пак, истата ќе се спушта за неколку степени под нулата – објаснува Попоски.
Oд Управата за хидрометеоролошки работи информираат дека за време на новогодишната ноќ времето ќе биде претежно ведро и тивко, а по котлините ќе има појава на магла или ниска облачност. Минималната температура во сабота ќе биде во интервал од -4 до 4, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Оттаму посочуваат дека продолжува периодот на стабилно и претежно тивко време со релативно високи дневни температури. По котлините ќе има појава на магла или ниска облачност со променлив интензитет и пониски дневни температури. Особено топло ќе биде на повисоките места за време на викендот и во почетокот на следната седмица.
– Во недела, на првиот ден од новата 2023 година, минималната температура ќе се движи во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени – велат од УХРМ.
На почетокот на следната седмица, како што велат од УХМР, времето ќе биде особено топло на повисоките места. На 2 јануари (понеделник) минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 10 до 18 степени.