Иако формалниот претседател на СДСМ и премиер на македонската Влада, Димитар Ковачевски ја одби понудата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за лидерска средба на која, меѓу другото, би се разговарало и за одредување на брз датум за предвремени парламентарни избори, понудата се уште стои отворена, порача денеска потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски од Неготино.
– Ние дадовме десетина дена да размисли и еве да повторам оттука, доколку Димитар Ковачевски не е тој кој што ги носи одлуките во СДСМ, спремни сме да седнеме и да разговараме со тој кој што тие ќе го посочат дека ги носи одлуките во СДСМ. Ако е Зоран Заев, Зоран Заев нека е, ако е Радмила Шеќеринска, тогаш Радмила Шеќеринска, ако е некој трет, тој кој што ќе го посочат. Потребно е Македонија да излезе од политичката и економска криза, преку решенија во четирите клучни сектори, економија, надворешни работи евроинтеграции и односи со Бугарија и заштита на македонскиот национален идентитет, образование и здравство. И секако, определување на брз датум за предвремени избори, затоа што излез од оваа криза се само предвремени избори, а додека да се случат тие предвремени избори, да не се губи времето и овие четири тима да работат. Нашата понуда стои и е отворена, оставаме на нивната политичка свест и одговорност – рече Николоски.
Тој рече дека Македонија е единствената држава во Европа која што се соочува со сериозни кризи, а каде власта одбива комуникација со опозицијата.