Помало зло е децата да носат заштитни маски на училиште, отколку да не носат. Вака епидемиологот Александар Стојанов ја коментира вчерашната препорака од Комисијата за заразни болести да се укине мерката носење заштитна маска за децата од прво до деветто одделение.
– Комисијата за заразни болести предлага децата на училиште сами да одлучат дали да носат заштитна маска, додека, пак, просветниот персонал, учителите и наставниците немаат право на избор, туку мора да носат заштитни маски. А во светот расте бројот на новозаразени со коронавирусот, не опаѓа. Затоа мислам дека помало зло е да се носат маски, отколку да се укинат маските. Дечињата кои припаѓаат во возрасната група од 1 до 9 години се најмалку зафатени од короната. Од друга страна, ние имаме многу мал опфат со вакцинација, така што, ако сето тоа го ставиш на кантар, јас лично сметам дека не треба да се укинуваат мерките сѐ додека не влеземе во зелената зона. Впрочем, времето е сѐ уште студено, греењето во училиштата сѐ уште е неопходно, просториите не можат редовно да се проветруваат, а до крајот на учебната година има само уште два месеца. Децата се затворени во училниците, го дишат истиот воздух, не излегуваат надвор оти им студи, а часовите не им се скратени. Така што, јас мислам дека би можеле да се стрпиме уште малку и не треба да брзаме – објаснува д-р Стојанов.
– Во изминатите денови регистрирани беа по 300 новозаразени со коронавирусот, а се сеќавате како беше пред две години кога бројката на новозаразени скокна на 100? Тогаш сите весници и телевизии објавуваа дека бројката станала трицифрена, луѓето паничеа, не се знаеше дали ќе има место во болниците… А сега, секојдневно имаме по 300 новозаразени, но исто како ништо да не се случува. Така што, мислам дека треба да почекаме за да се смират бројките и да не избрзуваме со одлуки. Ние се наоѓаме во жолтата зона, бидејќи процентот на заболени од тестирани изнесува 11 на неделно ниво, а за да влеземе во зелената зона тој процент треба да биде помал од 5. Затоа, ајде прво да влеземе во зелена зона и тогаш да ги укинеме сите мерки – вели епидемиологот.Да почекаме и да не носиме избрзани потези од кои подоцна ќе нѐ боли главата, порачува тој.
Портпаролот на Комисијата за заразни болести, Злате Мехмедовиќ, пак, тврди дека земјава веќе е влезена во зелената зона и дека укинувањето на мерката за задолжително носење маски во училиштата нема никаква врска со блискиот крај на учебната година.
– Начинот на носење на мерките е направен на база на соодветна алатка којашто го калкулира епидемиолошкиот ризик во земјава. Во моментов, таа алатка укажува на тоа дека се наоѓаме во зелената зона, дека постои ниска трансмисија на вирусот, дека имаме доволно болнички кревети, дека не е загрозен здравствениот систем и дека можат да се даваат доволно здравствени услуги на сите оние коишто ќе побараат помош, без притоа да бидат загрозени останатите здравствени услуги коишто се даваат во здравствените установи. Врз основа на таквиот принцип на пресметување на актуелната епидемиолошка состојба, можат да се направат одредени релаксирања во однос на превентивните мерки. Една од тие мерки е и укинувањето на мерката за задолжително носење заштитна маска во основните училишта. Секако, родителите кои сметаат дека нивните деца треба да продолжат да следат настава со маска, тоа право нема да им биде ускратено. Сето ова е независно од крајот на учебната година. Ова зависи од актуелната епидемиолошка состојба, а не од тоа кога ќе биде крајот на учебната година – објаснува д-р Мехмедовиќ.
Тој вели дека епидемиолозите ќе продолжат редовно да ја следат епидемиолошката состојба во земјава, а кога ќе забележат евентуално зголемување на бројките на новозаразени со коронавирусот, тогаш повторно ќе стапат на сила мерките за заштита.
– Ако има влошување на епидемиолошката состојба и ако излеземе од зелената зона и влеземе во жолтата зона, тогаш повторно ќе ги вратиме заштитните мерки. Алатката ја следи епидемиолошката состојба на секои седум дена и ние на секои седум дена ќе имаме состанок на кој ќе носиме препораки и одлуки. Доколки има влошување на состојбата како резултат на релаксирање на мерките, тогаш ќе се донесат повторно мерки кои ќе бидат во насока на контрола на трансмисијата. И одлуката за да се укине мерката за задолжително носење маски во училиштата беше донесена на состанокот на Комисијата за заразни болести, на кој се водеше добра дискусија, а мнозинството гласаше за укинување на мерката – објасни д-р Мехмедовиќ.
И инфектологот Вело Марковски смета дека децата треба да дишат слободно.
– Постојано има инфекции, вируси, грипови, настинки, а веројатно и коронавирусот ќе остане да живее уште долго време заедно со нас. Затоа, не би било добро да им наложуваме на децата со часови да дишат преку заштитна маска. Сега е веќе март, се наближува пролетта, а со тоа во голем дел ќе исчезне и опасноста од масовно ширење на коронавирусот. Сметам дека одлуката на Комисијата за заразни болести е исправна, а дури и мислам дека таа одлука требаше многу порано да биде донесена. Верувајте ми, многу поголема штета прават маските отколку корист. Сега ние имаме двојно повеќе новозаразени со ковид-19 отколку што имавме во 2020 година, а тогаш бевме затворени во карантин – вели инфектологот.
Средношколци, вие сте следни!
Членот на Комисијата за заразни болести, токсикологот Нико Беќаровски во објава на Фејсбук откри дека наскоро истата мерка се планира и за учениците од средните училишта.
„За две недели ќе бидат ослободени и средношколците. Основците се ослободени порано бидејќи скоро сите учат во местото на живеење и не се врзани со јавен автобуски превоз, каде сѐ уште е задолжително носење на маски“, напиша Беќаровски на Фејсбук.