Полуматурантки кои сакаат ќе можат да се запишат и да учат за акушерки и на македонски јазик во средното медицинско училиште „Панче Караѓозов“ во Скопје.
Министерството за образование и наука во вторник ќе направи измена на конкурсот за гинеколошко-акушерска сестри, што претходно предвидуваше за следната учебна година да има само паралелка на албански јазик, но не и на македонски јазик.
– Конкурсот за упис во средно образование во учебната 2023-2024 година е заеднички дефиниран, но сепак, постои време и простор за измени. Во таа насока, иницијативата на СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ е веќе разгледана и информираме дека ќе биде прифатена, односно ќе се отвори и паралелка на македонски наставен јазик за профилот гинеколошко акушерска сестра – соопштуваат од ресорот образование.