Дванаесет земји членки на ЕУ ја повикаа Европската комисија да го поддржи создавањето енергетски интерконекции, пред сѐ за пренос на електрична енергија, со цел за да се придонесе за намалување на цените на струјата и останатите енергенси, во услови на пазарна нестабилност.
– Интерконекциите и прекуграничната соработка се клучни за намалување на цените на енергијата, олеснување на транзицијата, функционирање на пазарот, спречувањето на застојот во енергетската мрежа и за забрзување на декарбонизацијата, се наведува во заедничката изјава на Австрија, Германија, Грција, Данска, Ирска, Италија, Кипар, Луксембург, Малта, Португалија, Холандија и Шпанија.
Во документот се посочува дека во услови кога „цените на електричната енергија флуктуираат повеќе од порано“, зајакнувањето на „прекуграничните енергетски интерконекции е од фундаментално значење за целосно функционирање на внатрешниот пазар на енергија“ на ЕУ.
„Потребни се итни мерки за да се обезбеди поголема интеграција на прекуграничните системи за електрична енергија на ЕУ, вклучувајќи ја и реализацијата на целите за електроенергетска интерконекција до 2030 година“, се додава во документот.
Според потписниците на изјавата, следните неколку години ќе бидат клучни за намалување на цените на енергијата за индустријата и граѓаните на ЕУ.
„Нашата голема зависност од фосилни горива, во комбинација со руската агресија врз Украина и фактот што Русија го користи снабдување со енергија како оружје, се покажа како опасна мешавина“, се вели во изјавата.
Дванаесетте земји повикуваат на „обединета акција на ЕУ“, како при енергетската криза од пред 2 години предизвикана од руската инвазија врз Украина, која сега би вклучува и „инклузивни решенија“ за зајакнување на меѓусебните врски.
„Покрај обезбедувањето соодветно финансирање од ЕУ за обновливите извори на енергија, Европа треба да го зголеми приватното финансирање на инвестициите во обновливите извори на енергија, електричните мрежи и интерконекторите“, се посочува во документот.
Три земји членки на ЕУ од Југоисточна Европа – Бугарија, Грција и Романија, минатиот месец побараа од ЕУ преземање мерки за намалување на цените на енергијата, пред се на струјата, во регионот и нивно приближување на ниво на цените во Западна Европа. Според трите земји, причина за поскапата енергија во Југоисточна Европа се недоволниот број интерконекции кон централна Европа и зголемениот извоз на струја за Украина и Молдавија.
Од друга страна, и Португалија и Шпанија бараат зголемување на интерконекциската инфраструктура со образложение дека Пиринејскиот Полуостров има „малку енергетски интерконекции со остатокот од ЕУ“. Во рамки на енергетската иницијатива „РепауерЕУ“, лансирана во мај 2022 година, се предвидува зголемување на интерконекциите на електрична енергија и гас на Португалија и Шпанија со другите земји членки на Унијата. Дополнително во октомври истата година, двете земји постигнаа договор со Франција за изградба на подводен гасовод, преку кој на почетокот би се транспортирал гас, а во иднина и зелен водород.