Во најмала рака дојавите за поставени бомби во скопските средни училишта се чин кој е монструозен и веројатно е дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава, изјави во вечерашното издание на „Вин Вин“ со Оливера Трајковска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
– Ќе се анализираат причините и ќе дознаеме зошто е тоа така. Дали се политички, дали се геостратешки, можеби и бизнис причини. Во оваа фаза ние практично ги знаеме мејловите. Знаеме од каде се пратени. Ги знаеме точните податоци во оваа насока и на тоа работиме интензивно. И ние и заедно секако со нашите партнерски служби. Сѐ со цел да дојдеме до сторителот – изјави Спасовски.
Очигледно е дека имаме еден атак, додаде Спасовски, посочувајќи дека тоа се случувало и во опкружувањето, но тоа не значи дека не треба да се спроведува интензивна истрага, пред сѐ заради вознемиреноста и неспокојот кај децата, наставниот кадар во училиштата, но секако и кај родителите на учениците.
– Сите капацитети кои ни стојат на располагање и човечки и материјално-технички, се ставени во функција и од државата и секако сите капацитети кои што можат да ни ги понудат нашите партнери ќе бидат ставени во функција, без разлика која е причината и природата на заканата – порача Спасовски во Вин-Вин.
Според министерот за внатрешни работи, заканите за поставени бомби само ја потврдуваат важноста на заштитата од сајбер-криминалот.