Момчето на 14-годишна возраст, кое завчера трагично загина со скутер на улицата Козле во Скопје, имало предност во сообраќајот, но возачот на автомобилот во кој тоа удрило не застанал и не го пропуштил на крстосницата, констатира Обвинителството.
„Осомничениот 53-годишник, на 5 декември, со возило „мини купер“, навлегол на крстосницата меѓу улиците Пијанец и Козле, без да го пропушти возилото кое веќе се движело по улицата Козле и кое имало првенство на минување. На тој начин тој го попречил движењето на мотоцикл „хонда“, управуван од дете на возраст од 14 години.
Мотоциклот удрил во страничниот дел од автомобилот, оштетениот се превртел и паднал на коловозот, па се излизгал на лентата наменета за сообраќај на возила во спротивна насока, каде удрил во автомобил „цитроен Ц3“. Во несреќата, оштетениот возач на мотоциклот се здобил со тешки телесни повреди и веднаш починал“ – се вели во соопштението на Обвинителството.
Осомничениот се товари за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од член 300 од Кривичниот законик. По предлог на јавен обвинител, Основниот кривичен суд Скопје определи мерки на претпазливост за осомниченото лице – забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, обврска да се јавува повремено на определено службено лице, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, како и привремено одземање на возачката дозвола односно забрана за нејзино издавање, информира ОЈО.