Добредојдовте во светиот Охрид, во оваа наша света црква Света Софија, покрај ова прекрасно бело Охридско Езеро.
Вака поглаварот на Македонската православна црква (МПЦ-ОА) го започна денешниот говор по заедничката литургија со српскиот патријарх Порфириј во црквата Света Софија во Охрид, по повод годишнината од доделувањето на Томосот за автокефалност на МПЦ-ОА.
– Откако на 9 мај, најнапред како Црква и како народ, од страна на вселенскиот патријарх Вартоломеј бевме примени во литургиско единство и откако во Белград и во Скопје сослужувавме со Неговата светост патријархот српски Порфириј, конечно, на денешен ден лани ни беше врачен Томос со кој ни се признава автокефален статус. Сега сме овде во светиот Охрид, поточно во црквата Света Софија, пак сите заедно, една година подоцна. Сега сме повторно горди и исполнети со радост, а заедно со нас се радуваат сите црквољупци и светители. Вие, Ваша светост, сте најзаслужниот за сето ова што се случи, па затоа, на овој ден и на ова место, ви благодариме во името на македонскиот народ. Ова е историја и голем празник кој ќе трае долго време. Покажавме дека нашиот однос со Бога е толку длабок и дека ништо не може да го наруши. Минатото лето силно веруваме дека се удостоивме да се прославиме според зборовите на Апостолот. Сега откако сме препознаени како членови на едната апостолска црква, пред нас е уште една поголема обврска и должност. Господ го слушна гласот на нашите молитви. Дај Боже да продолжи да се зголемува нашата радост поради единството со помесните цркви – истакна г.г. Стефан.
Архиепископот Стефан му додели на српскиот патријарх Орден на Свети Кимент Охридски од прв ред.
– Се доделува орден за покажаната љубов кон МПЦ-ОА и кон македонскиот народ просведочена поради доделувањето Томос за автокефалност на МПЦ-ОА. Достоен! Достоен! Достоен! Ваша светост, ова е наш скромен подарок за Вас – му порача г.г. Стефан на српскиот патријарх.