More

    Поддршката на десничарскиот критичар на НАТО пораснала од 2% до 22% благодарение на Тик-Ток?

    spot_img

    Романски невладини организации, предводени од Здружението за технологија и интернет (АПТИ), побараа од Европската комисија и од романската Национална агенција за управување и регулација на комуникациите (АНЦОМ) да испитаат дали големите онлајн платформи биле усогласени со одредбите од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА) во текот на првиот круг од романските претседателски избори.

    Во отворено писмо на 16-те романски невладини организации се бара од Еврокомисијата и од АНЦОМ, која е задолжена за мониторинг на почитувањето на ДСА на национално ниво, да истражат дали онлајн платформите, а пред се Тик-Ток, презеле соодветни мерки за ублажување на ризиците поврзани со изборниот процес во Романија.

    Ваквото барање следи откако во вторникот и романскиот Национален совет за радиодифузија (ЦНА) побара од Европската комисија да поведе формална истрага против Тик-Ток за кршење на утврдените стандарди, со тоа што му овозможил политичко рекламирање за независниот претседателски кандидат Калин Георгеску кој освои најмногу гласови во првиот круг од изборите.

    Според потпретседателот на ЦНА, Валентин Јукан, Тик-Ток не успеал да одржи „алгоритамска транспарентност“ и да ги ублажи системските ризици како што се бара со ДСА. Дополнително, ЦНА го повика ТикТок да објави детална проценка за ризиците по демократските процеси што ги носи неговото работење во Романија и ѝ предложи Европската комисија да воведе „корективни мерки и санкции за идентификуваните прекршувања“ на Законот.

    Во наводите се посочува дека во текот на изборната кампања, поддршката на Георгеску пораснала од 2 на 22% главно поради кампањите на Тик-Ток, кои вклучувале координирани активности за промоции на содржини поврзани со него, како и „вештачко засилување на пораките преку алгоритми и хаштази кои собрале милиони прегледи“.

    Иницијаторите на истрагата сметаат дека недостигот на транспарентност во справувањето со политичките содржини од страна на Тик-Ток, резултирал со манипулација со јавното мислење.

    По ваквите тврдења, актуелниот романски претседател, Клаус Јоханис, за денеска свика состанок на Врховниот совет за национална одбрана, на кој би се разговарало за „потенцијалните ризици по националната безбедност од активности на државни и недржавни кибер актери на ИТ инфраструктурата што го поддржува изборниот процес“.

    До пред закажувањето на состанокот, Кабинетот на Јоханис тврдеше дека не добил информации од државните институции за мешање или за надворешно влијание во изборниот процес.

    Георгеску, кој на изборите во неделата освои над 2,12 милиони гласови или 22,94%, во текот на изборната кампања не беше особено видлив во јавноста, но затоа беше многу присутен на социјалните мрежи со објави поврзани со него.

    Романскиот европратеник од редовите на владејачката Социјалдемократска партија (ПСД), Дан Ника, обвини дека некои актери „брутално се мешале“ во претседателските избори и повика на итна акција.

    Претседателскиот кандидат на ПСД, романскиот премиер Марсел Чолаку, освои 19,15% од гласовите и не успеа да се пласира во вториот изборен круг, во кој ќе се соочат Георгеску и лидерката на опозициската либерална Унија за Спас на Романија (УСР), Елена Ласкони.

    Од друга страна, пак, романскиот европратеник Николае Стефануца посочи дека Тик-Ток има околу 9 милиони корисници во Романија, па „ниту еден политичар не може да си дозволи да не биде таму каде што е народот“. Тој, сепак, побара воведување построги регулативи во онлајн секторот, оценувајќи дека кинески компании честопати наоѓаат начини да ги заобиколат националните и европските правила.

    Во целата дебата околу влијанието на Тик-Ток на изборниот процес во Романија се вклучи и романската Националната дирекција за кибер безбедност (ДНСЦ), која соопшти дека уште лани ги советувала државните институции да ја забранат оваа социјална мрежа.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img