Меѓународниот саем на книгата ќе се одржи од 4 до 10 мај 2023 во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.
Во пресрет на отворањето на саемската манифестација, Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) изјави дека целта и на годинашното издание на Саемот на книга е да се создаваат сѐ подобри можности и форми за промоција на читањето книги – и за поновите, и за постарите генерации, преку саемските понуди на бројните издавачки куќи.
– Главната причина зошто овој саем е можеби најомилениот на национално ниво е токму љубовта кон пишаниот збор и константниот пристап кон подобрување на условите секоја година при овозможувањето на оваа специјална саемска платформа, којашто го негува овој вид културно наследство во државата и пошироко. Овој седумдневен настан е можност да се прикаже соодветно богатата литературна традиција, но и да се прослави различноста и креативноста на авторската мисла – вели Саздов.
Информации за Саемот на книга се достапни на веб-страницата на Скопски саем (www.skopskisaem.mk) и на @skopski.saem на Инстаграм и Skopski saem на Фејсбук.
Саемот е поддржан од Министерството за култура.