Судењето на група од дваесет и седум лица под обвинение за перење пари поврзани со скандалот со даночно затајување „Панамски документи“, кој откри колку од светските богати го криеле својот имот во офшор компании, започна во понеделникот.
Во 2016 година, скандалот ги потресе владите, разоткри високи личности, доведе до серија истраги ширум светот и ја наруши репутацијата на Панама како офшор финансиски центар, пренесува Хина.
Меѓу обвинетите на кои ќе им се суди во кривичниот суд во Панама се Јирген Мосак и Рамон Фонсека Мора, основачите на сега веќе непостоечката панамска адвокатска фирма во центарот на скандалот.
Повеќе од 11 милиони досиеја од нивната компанија „Мосак Фонсека“ инкриминираа влијателни луѓе, вклучувајќи милијардери, политичари и спортски ѕвезди.
Исландскиот премиер Зигмундур Дејвид Гунлаугсон беше принуден да поднесе оставка откако беше откриено дека неговото семејство има офшор банкарски сметки.
На тогашниот пакистански премиер Наваз Шариф му беше доживотна забрана за вршење јавна функција, откако документите го инкриминираа.
Некои од другите споменати луѓе се поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, фудбалската ѕвезда Лионел Меси, тогашниот аргентински претседател Маурицио Макри и шпанскиот филмски режисер Педро Алмодовар.
Документите биле испратени до германскиот весник „Sueddeutsche Zeitung“, кој потоа ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ).
Многумина инволвирани во аферата ги објавија своите причини за тоа и рекоа дека не постапиле незаконски.
Сепак, Мосак Фонсека во 2018 година објави дека ќе се затвори поради „ненадоместлива штета“ на нејзиниот углед.
Панама усвои нови закони по избивањето на скандалот, но оваа централноамериканска земја останува на црната листа на Европската унија (ЕУ) за даночни раеви.
Фактот што некои од неговите закони за перење пари не постоеја кога изби скандалот може да ги искомплицира напорите на судството успешно да ги осуди обвинетите.
Кривичното дело затајување пораз во Панама се казнува дури од 2019 година и тоа за суми поголеми од 300.000 американски долари годишно.
На Мосак и Фонсека им се судеше во Панама во 2023 година за наводно перење пари како дел од бразилскиот корупциски скандал поврзан со градежниот гигант Одебрект.
Обвинителството за тој случај побара затворска казна до 12 години и за двајцата, а пресудата се уште не е објавена.
Најновото судење се очекува да трае до 26 април, велат од судството.
Во Панамските документи беа објавени и лица од Србија
Во Панамските документи има вкупно 34 адреси од Србија.
Синиша Мали, министер за финансии, е едно од имињата кои меѓу другите се појавуваат во тој меѓународен истражувачки проект, објавија претходно медиумите.
Во документите кои протекоа од 14 агенции за основање оф-шор компании, фигурира и името на Никола Петровиќ, поранешниот директор на „Електрична мрежа на Србија“ (ЕМС) и кум на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.