Почна шестнеделниот божикен пост

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

За православните христијански верници, кои се водат според јулијанскиот календар, денеска почна шестнеделниот божикен пост. Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик, 7 јануари, денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28 ноември, а завршува на Бадник, 6 јануари.

Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и во молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божикниот пост е втор по должина на траење, веднаш по велигденскиот.

Во однос на „строгоста“ за употреба на храна, божикниот пост е „поблаг“ бидејќи дозволува користење вино, масло за јадење и риба.

Според типикот на црквата, божикните пости се постат на следниот начин: во понеделник, вторник и во четврток на масло; во среда и во петок строг пост; во сабота, во недела и за празници е допуштено риба. За монаштвото е благословено и понеделник да биде строг пост, а за мирјаните, кои имаат именден или куќна слава, е благословено употреба на риба.

Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на божикниот пост, посни се и сите славски трпези.

Со Канонот на Православната црква се предвидени еднодневни и повеќедневни пости. Еднодневните пости се во среда и во петок, Водокрст на 18 јануари, Отсекувањето на главата на св. Јован Крстител на 11 септември и Крстовден на 27 септември. Повеќедневни пости се велигденските, петровденските, богородичните и божикните пости.

Божикниот пост, како и останатите повеќедневни постови, датира од првите векови на христијанството и се споменува во делата на светите отци од 4 и 5 век. Првобитно постот траел 7 дена, а одлуката христијаните да постат 40 дена пред празникот – Раѓањето Христово – е донесена на Соборот во Цариград. во 1166 година.

фото: МИА
Share This Article