Долгогодишниот тапанар на групата „Дед Кенедис“ и поранешен тапанар на „Ред хот чили пеперс“ Д. Х. Пелигро, чие вистинско име беше Дерен Хенли, почина на 63-годишна возраст, два дена откако падна во својот дом во Лос Анџелес.
Веста за смртта на познатиот музичар ја пренесе „Си-ен-ен“.
Басистот на групата „Ред хот чили пеперс“ (Red hot chili peppers) Флеа – Мајкл Петер Балзери се огласи по тажниот повод:
„Првиот пат кога те видов како настапуваш со бендот, ме воодушеви. Стана мој сакан пријател. Многу се забавувавме, си го чувавме грбот еден со друг. Те сакам со сето мое срце. Ти си вистински рокер и клучен дел од историјата на РХЧП. Живееш засекогаш во нашите срца, ти див човеку, ти што носеше радост, со големо срце. Секогаш ќе те почитувам. Почивај во мир и слобода“.
Во 1988 година, Дерен Хенли им се придружи на „Дед Кенедис“, а потоа и на „Ред хот чили пеперс“
Кога „Дед Кенедис“ повторно се обединија пред 21 година, им се придружи и Хенли. Бендот неодамна се врати во САД од европска турнеја која вклучуваше посети на Полска, Германија и Франција. Откако се вратил дома, Хенли доживеал несреќа.
„Полицијата на местото на настанот соопшти дека тој починал од повреди на главата предизвикани од случаен пад. Ве молиме почитувајте ја приватноста на семејството во овој тежок момент. Ви благодариме што мислите на нас и ви благодариме за утешните зборови“, пишува на страницата на бендот.
ФОТО: Инстаграм/Јутјуб