Еден од најпознатите индиски музичари Закир Хусеин почина на 73-годишна возраст.
Закир Хусеин, кој ги популаризираше традиционалните индиски тапани „табла“, почина од идиопатска белодробна фиброза, хронична белодробна болест, во болница во Сан Франциско, соопшти денеска неговото семејство.
„Неговата плодна работа како учител, ментор и воспитувач остави неизбришлива трага кај безброј музичари. Тој се надеваше дека ќе ја инспирира следната генерација да оди понатаму. Зад себе остава неспоредливо наследство како амбасадор на културата и еден од најголемите музичари на сите времиња“, се додава во соопштението.
Тој соработуваше со пејачот и текстописец Џорџ Харисон, џез саксофонистот Чарлс Лојд, тапанарот Мики Харт и виолончелистот Џо-Џо Ма.
Во едно интервју, тој изјави дека татко му му посакал добредојде на светот откако се родил свирејќи му табла ритми во ушите.
Во 1973 година, Хусеин го основал индискиот џез бенд „Шакти“ со џез гитаристот Џон Меклафлин.
Бендот свиреше акустична музика која комбинираше индиска музика со елементи на џез, внесувајќи сосема нов звук.
Во 2024 година, Хусеин стана првиот музичар од Индија кој освоил три Греми награди за една година.
Индискиот премиер Нарендра Моди го нарече Хусеин „вистински гениј кој фундаментално го промени светот на индиската класична музика“ и „икона на културното единство“.