Почитуваниот и прославен јапонски композитор и продуцент Рјуичи Сакамото почина на 71 година. Неговото семејство денеска објави дека починал во вторникот, две години откако повторно му беше дијагностициран рак на дебелото црево.
Сакамото беше почитуван за неговите експериментирања со електронската музика, а меѓу многубројните награди што ги доби се истакнуваат Оскар, Греми и БАФТА.
Инспириран од „Битлс“ и од Клод Дебиси, Сакамото почнал да учи компонирање на десетгодишна возраст. Тој беше еден од основачите на групата „Јелоу меџик оркестра“ во 1978 година, чин синтисајзерски иновации извршија големо влијание врз техно попот и хип хопот. Сними и 19 соло албуми.
Глумеше покрај Дејвид Боуви во „Среќен Божиќ, господине Лоренс“ и напиша музика за повеќе од 100 филмови и серии. За „Последниот кинески цар“ освои Оскар и Златен глобус во 1988, како и Греми следната година.
Оскаровецот во 2014 паузираше од работа околу една година за да се лекува од рак на грлото.
Во декември 2022, Сакамото го одржа она што беше јасно наменето да биде проштален концерт за неговите обожаватели, емитуван на Интернет.
– Мојата сила навистина опадна, па нормален концерт од околу еден час до деведесет минути би бил многу тежок. Како резултат на тоа, го снимив песна по песна и го измонтирав заедно за да може да се претстави како обичен концерт – што верувам дека може да биде пријатно на вообичаен начин. Ве молиме, уживајте – порача тој во пораката.
Во 2018, Сакамото ја прими наградата за животно дело на фестивалот Скопје синема сити.