Почина Ивајло Дичев, истакнатиот бугарски професор и интелектуалец кој ја критикуваше бугарската политка кон Македонија. Медиумите обзнанија дека починал на 68-годишна возраст во понеделникот. Предаваше во Софија на универзитетот „Свети Климент Охридски“, беше познат како културен антрополиог, есеист, писател.
Во колумни за „Дојче Веле“ Дичев, меѓу другото, ги анализираше начините да се помират Македонците и Бугарите, можното симетрично решавање на спорот меѓу Скопје и Софија, асиметричноста на францускиот предлог и други прашања. Национал-популистите во Бугарија често го критикуваа во врска со ова.
Насловите на некои од неговите написи за Дојче Веле гласеа: „За Бугарија е акт на агресија самото постоење на Северна Македонија“, „Софија и Скопје: Што бараш, тоа ќе добиеш“, „С.Македонија и Бугарија ќе се разберат за историјата само ако секој почен да ги гледа сопствените грешки“…
„Како точно си го замислувате историското зближување? Што да се случи? Да излезат сите Македонци на плоштад и да почнат да викаат ‘Гоце Делчев е Бугарин’”?, прашуваше Дичев во своите колумни по повод формирањето на македонско-бугарската историска комисија.
Дичев во Бугарија ќе остане запаметен како предводник на европските граѓански вредности, пишуваат медиумите во Софија, „најважниот учител по критичко пишување“. Неговите колеги и јавноста на него ќе се сеќава како на човек со многу таленти. Пишувал песни, опери, рок-драми…