Пол Грант, актерот познат на јавноста по улогите во „Војна на ѕвездите“ и „Хари Потер“, ненадејно почина на 56-годишна возраст, а тажната вест ја потврди и неговото семејство кое откри дека вчера ги исклучиле од апарати.
„Скршена сум. Татко ми беше легенда. Тој секогаш предизвикуваше насмевка на сите лица. Татко мој, те сакам многу, спиј мирно“, рекла неговата ќерка Софи Џејн Грант за „Сан“.
Актерот бил пронајден како лежи во несвест на улица во четвртокот попладне. Полицијата го пронашла, а веднаш го однела во болница каде било констатирано дека доживеал мозочен удар. Потоа бил ставен на апарати за одржување во живот, но за жал, тоа не помогнало.
Портпаролот на британската транспортна полиција рекол за „Дејли мејл“ дека полицајците го пронашле во Кингс Крос, лондонски кварт, и дека одговориле на итна медицинска помош пред станицата во 14 часот на 16 март.
„Тие извршија ЦПР на маж пред да пристигнат болничарите и да ја преземат грижата за него. Тој беше пренесен во локалната болница во критична состојба“, рече портпаролот.
Пол Грант го играше Евок во четвртиот дел од „Војна на ѕвездите“, „Враќање на џедајот“, а во филмот „Хари Потер и каменот на мудрецот“, првиот во серијалот, го отелотвори Гоблин. Покрај тоа, тој оствари улоги и во филмовите „Врба“, „Легенда“, „Лавиринт“…
„Дејли мејл“ пишува дека со години се борел со зависноста од алкохол и дрога, а самиот пред девет години рекол дека сите пари што ги заработил од филмовите ги потрошил на алкохол, дрога и проститутки.
„Ми треба помош. Бев на кокаин и едноставно стануваше сè полошо. Пијам и пушам. Имав семејство, бев оженет, сега сум разведен. Изгубив сè. Немам ништо. Сите мои работи, слики, алишта, ги има насекаде“, рекол тогаш и додал: „Во овој момент не знам што сакам. Имав пари, сè потрошив, ги потрошив на дрога и проститутки“.
ФОТО: Инстаграм