По осум дена без вода кумановци ја добија потребната потврда од Агенцијата за храна и ветеринарство дека водата е безбедна за пиење. Граѓаните здивнаа, не мораат веќе да купуваат флаширана вода за пиење. Општата болница повторно примаше пациенти, објектите од детската градинка и домот за стари лица како институции веќе не мораат да набавуваат вода за најмалите и за највозрасните.
Агенцијата за храна и ветеринарство на 29 мај годинава соопшти дека водата од кумановски „Водовод“ е безбедна за пиење.
„Добиени се задоволителни резултати од тестирањата во однос на физичко-хемиските и бактериолошките параметри, односно водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење, поради што АХВ ја укинува забраната за нејзина употреба која беше донесена на 23 овој месец“, соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Центарот за јавно здравје Куманово информираше дека резултатите од анализите направени на 25, 26, и 27 мај покажале дека водата е безбедна за граѓаните.
– Резултатите одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, согласно правилникот за безбедност на водата за пиење. Водата е безбедна за пиење -рече специјалист доктор Блерта Шаини Азизи.
Директорот на ЈП „Водовод“ Куманово, Оливер Стојамановски кажа дека водата во целиот водоснабдувачки систем е исправна и може да се користи и како вода за пиење.
– Воедно, се заблагодарување на граѓаните за трпението кое го покажаа, а со цел поефикасно и побрзо надминување на проблемот со водоснабдувањето. Трите последователни анализи покажаа дека водата е безбедна за пиење, се чекаше на резултат од институциите – рече Стојамановски.
Невремето во липковскиот регион се случи на 21 мај годинава. Пороен дожд и град ги уништи земјоделските култури, предизвика штети на куќи во оваа општина каде се сместени браните Липково и Глажња од каде со вода се снабдува Куманово. Утредента на 22 мај, јавното претпријатие „Водовод“ ги извести граѓаните дека утрото во 05 часот е затворен доводниот цевковод од Липково, и водата со зголемена матност се испушта во канализациската мрежа. Зголемената матност на водата ја забележале вработените во одделението за водоснабдувачки објекти во Фабриката за вода (Филтер станица) кои евидентирале дотур на вода од хидромелиоративниот систем Липково-Глажња со зголемена матност.
Во тој период, како што објаснува раководителот на фабриката за вода, Тони Јовчевски, почнале да додаваат повеќе средства за пречистување кои не ја постигнале целта.
– Мораше да го намалиме односно да го прекинеме дотурот на сурова вода од акумулацијата, со тоа се намали и дотурот на вода за пиење во градот. Дотурот за пиење кон градот сè уште беше нормален додека имаше вода во резервоарите што беше во исто време квалитетна вода за пиење. Сè додека ја имаше на тој начин успеавме да не се загади градската мрежа чија работа би предизвикала и други последици – објаснува Јовчевски.
За да не предизвикаат штета и на филтрите ја пренасочиле водата кон канализациската мрежа.
Од Водостопанство „Кумановско-липковско поле“ велат дека невремето ја предизвикало ерозијата на земјиштето околу браните.
– Од временските неприлики во липковско дојде до ерозија на земјиштето околу акумулациите Глажња и Липково кои се полнат од три реки и повеќе потоци. Од ерозија на земјиштето се замати водата во браната Липково од каде доаѓа водата до филтер станицата – рече раководителот на подружницата Оливер Илиевски.
Ерозијата продолжила и до раните утрински часови до 22 мај, заматената водата се пробила до тунелот кој води од браната кон „калишњак“ од каде се дели директниот вод за „Водовод“, останатите во системот за наводнување.
Пред 20 години имало слична состојба се потсетува Јовчевски. На 11 јуни 2000 година водата во браните била заматена исто така по обилен дожд што го зафатил Липковско.