По 114 дена војна, околу 80 отсто од мрежата тунели на Хамас под Појасот Газа сè уште останува недопрена, објави денеска „Волстрит Џурнал“. Се верува дека лидерот на Хамас во Газа, Јахја Синвар, и други команданти на организацијата се кријат под земја. Изворите за весникот велат дека Синвар е во команден центар во тунел под градот Кан Јунис во јужна Газа.
Повикувајќи се на израелски и американски претставници, весникот наведува дека е тешко да се процени колку подземни лавиринти досега се уништени од израелските војници. Некои тунели беа бомбардирани, некои беа поплавени, но овој процес оди бавно бидејќи се проверува дали има поставени бомби во тунелите и дали има заложници пред да бидат уништени.
Весникот цитира неколку израелски официјални лица дека Синвар е во команден центар во тунел под Кан Јунис, најголемиот град на југот на Појасот, и дека таму има заложници.
На почетокот на јануари беше објавено дека високи претставници на израелската одбрана проценуваат дека вкупната должина на тунелите изнесува од 560 до над 700 километри, потсетуваат израелските медиуми.
Ова, како што објави „Њујорк тајмс“, е повеќе од проценката на израелските одбранбени сили (ИДФ), а тие зборуваа за вкупно 400 километри тунели, што изгледаше зачудувачки со оглед на тоа што површината на Газа е 360 квадратни километри.
Плусинфо веќе пишуваше за анализата на „Волстрит Џурнал“ дека Израел досега не ги постигнал своите цели во војната, што може да значи „пирова победа“ за Хамас, чија цел, пред сé е да ги издржи нападите на долг рок.
Во израелските напади во изминатите 24 часа, уште најмалку 165 Палестинци загинаа, а 290 луѓе беа ранети во блокираниот Појас Газа, со што бројот на убиени од почетокот на војната на Израел против Хамас се зголеми на 26.422, а бројот на ранети на 65.087 лица.